за

Tesla повеќе не може да се купи со биткоин

Илон Маск не дозволува електричните автомобили на Tesla да се купуваат со валута што предизвикува штета врз животната средина.

tesla prodazba istocna evropa

Tesla повеќе не прифаќа плаќање во биткоин. Илон Маск го најави тоа со објава на твитер. Техно-милијардерот до неодамна силно се залагаше за крипто-валутата. Како причина се наведува штетното влијание на „копањето“ на биткоинот врз животната средина.

Маск е посебно загрижен околу тоа што при „копањето“ на дигиталната валута се користат фосилни горива. Повеќето копачи на крипто-валути се наоѓаат во Кина, каде што постојат голем број електрани кои користат јаглен за производство на струја. Поради тоа, Tesla повеќе не прифаќа плаќање во биткоин.

Тоа е голема пресвртница за марката, којашто претходно купи биткоини во вредност од 1,25 милијарда евра и нагласи дека крипто-валутата ќе се прифаќа како средство за плаќање при купување автомобил Tesla. Потегот е посебно неочекуван, бидејќи Tesla во првиот квартал од годината постигна голема заработка токму преку продажбата на биткоини.

Tesla не ја исклучува валутата целосно. Според Маск, крипто-валутите имаат иднина, но таа не треба да биде на сметка на животната средина. Од таа причина, Tesla не ги продава биткоините што моментно ги поседува, но ќе почне да ги користи за трансакции откако дигиталната валута ќе биде повеќе одржлива за животната средина. Компанијата во моментов се ориентира кон други крипто-валути кои „трошат помалку од 1 процент од енергијата на биткоин“.

Веста силно ја погоди вредноста на биткоинот. Курсот на најпознатата крипто-валута во светот падна и загуби повеќе од 300 милијарди долари од пазарната вредност. Акциите на Tesla исто така изгубија 4,4 проценти од вредноста.

>>> Tesla се увери дека нема играчки со кинеската држава

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Секој втор Volkswagen Tiguan е во продолжената изведба Allspace

Гуми не се трошат, Pirelli со 650 милиони евра загуба