за

По забавата во Берлин: Tesla ќе произведува гига-пиво

Илон Маск синоќа со голема забава ја прогласи фабриката на Tesla во Берлин за отворена. Техно-револуционерот зборуваше германски и најави тесла-пиво.

Таква забава сигурно не помнат ниту најстарите во Гринхајде, месност во близина на Берлин во којашто Tesla ја изгради својата четврта гигафабрика. На денот на отворени врати, во фабриката на американската компанија во Бранденбург пристигнаа 9.000 гости. Билети за големите медиуми и влијателните техно-блогери, не останаа.

Европа ја доби првата фабрика за електричните автомобили на Tesla, во најавтомобилската држава во Европа, во Германија. Четвртата гигафабрика на Tesla, во германската покраина Бранденбург, на половина час возење од Берлин, во месноста позната како Гринхајде (зелена ливада) ќе вработува 12.000 лица и годишно ќе произведува до половина милион електрични автомобили. Изградбата траеше помалку од две години, со голем ризик. Властите, имено, уште немаат издадено одобрение за градба.

За гостите на големиот настан за светската автомобилска сцена беше организиран домаќински уреден панаѓур, со голема рејв-парти како завршница. Во фабриката на Tesla беше поставено и големо панорамско тркало, секако не недостигаше и автодром со колички за судирање заради забава, како и забавувачи облечени во костуми на суперхерои и слични ликови. Дечињата се забавуваа со месење батерии, со цртање автомобилски делови и возење тесла-количка.

Менаџерите на Tesla ги пречекуваа и забавуваа гостите, инженери служеа како бармени и помагаа на влезот, информатичарки уживаа во улога на забавувачки за дечињата

За повозрасните посетители беа повеќе интересни пробното возење на Model Y и прошетката низ фабриката. Едно и пол часовната тура низ халите опфаќаше разгледување на роботската лента за изработка на каросерии, на пресите за каросериските панели и на ливницата. Лакирницата што извршниот директор Илон Маск ја цени како најнапредна лакирница во светот, можеше да се види само на видео.

Кусо пред 18 часот, на бината се појави Илон Маск. Тој имаше подготвено петминутен говор на германски јазик, невешто читајќи го текстот од телефонот. Електро-пионерот им се обрати на гостите: „Голема благодарност за сите подржувачи на Гигаберлин Бранденбург. Ова е забава за вас. Вечерта нека продолжи со рамбазамба.“

Маск потоа одговараше на прашања од публиката, откривајќи нови детали за гигафабриката. Производството ќе започне уште во текот на годинава. „Генерално, во ноември или декември.“ Можно е првите автомобили да бидат испорачани веќе во декември. Почетокот на големосериското производство е планиран за крајот на 2022 година. Неделната продукција тогаш ќе се движи меѓу 5.000 и 10.000 нови автомобили.

За фабриката понатаму се планира да се користи 100% енергија од обновливи извори. На покривот ќе се постават соларни панели, што ќе покриваат дел од потребата од енергија. Фасадата на фабриката ќе ја украсат локалните графити-уметници. Во фабриката ќе се изгради и сопствена железничка станица, што ќе ја поврзува со Берлин. Секако дека во кругот на фабриката ќе се наоѓа и детска градинка за децата на вработените.

Најважната вест за закоравените фанови на Tesla: Илон Маск најави дека фабриката ќе дестилира сопствено пиво, „Gigabier“. Засега тоа е единствената информација околу пивото на Tesla. На фотографијата што се прикажуваше на бината се наоѓаше единствено шише со сино лого на Tesla.

Потоа следеше музичкиот дел. Фановите танцуваа на „High Tech Minimal“ на германскиот ди-џеј Борис Брејка, кој вообичаено настапува под венецијанска маска. Упатените во компанијата и во постапките на Илон Маск претпоставуваат дека тоа е најава за поамбициозните музички проекти што се планираат на оваа локација. Шефот уште лани најави дека во кругот на фабриката ќе работи подземен рејв-простор.

>>> Tesla денес организира гига-забава во фабриката во Берлин

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Тест на ADAC: Колку се добри сопирачките дискови од продавница за автоделови?

Каскадерка во хибриден Kia Sorento води на дамско рели низ пустините во САД