Низ пустините во Невада и Калифорнија моментно се вози најтешкото дамско рели во светот, Ребел Рели. По два дена, првото место во категоријата X Cross им припаѓа на Верена Крос и на совозачката Тана Вајт. Откриваме неколку детали за Kia Sorento со приклучен хибриден погон што вози на релито.
Двете возила Kia Sorento PHEV што пред два дена стартуваа на дамското Ребел Рели се инспирирани од концептните автомобили Zion и Yosemite Sorento X-Line, што американскиот огранок на Kia ги претстави лани. Предизвикот за Sorento со приклучен хибриден погон и за четирите дами на Рели Ребел е да се совлада растојание од 1.500 милји, односно повеќе од 2.400 километри, низ пустинските предели во Невада и Калифорнија, со користење единствено компас и мапа, без телефон, без елеткронски уреди за навигација.
Подготовката на Kia Sorento за релито исто така е дело на дами, поточно на компанијата LGE-CTS Motorsports од Јужна Калифорнија, чијшто сопственички се дами. Возилата се обложени со фолија во шема што е слична со ексклузивните бои „Desert Sand“ и „Pine Green“ на концептните возила Zion и Yosemite.
Подот е целосно обложен со заштитни плочи за погонот, менувачот, подвозјето и издувот, плус има заштитна решетка напред и плоча под носот. Во предниот и задниот браник се додадени масивни прстени за влечење, а растојанието од подлогата е зголемено за еден инч, односно 25 милиметри, со додавање посебни прстени. Двете возила го возат релито со мат црни тркала KMC од 17 инчи и гуми за терен Hankook Dynapro AT2.
Багажникот на покривот е приспособен да ја носи опремата за преноќување на дамите, како и плочите за подметнување и лопатите. Задните седишта се отстранети и на нивното место е поставен систем за присврстување на товарот во кабината, што ги штити дамите од излетување на дополнителните предмети што се сместени во возилото.
Расел Вајгер, потпретседател за маркетинг во Kia America: „Ребел Рели е инсприација за дамите насекаде низ светот. Со нашиот нов слоган, ‘Движење што инспирира’ и со нашата долготрајна соработка со Girls Inc. of Orange County, беше сосем природно да ја застапуваме непрофитната организација на ova рели што е резервирано за дами, за младите девојки да можат да ги поддржуваат нашите исклучителни тимови во предизвиците со Sorento PHEV“.
Релито се вози до 16-ти октомври, има уште многу возбудливи денови за следење.
Повеќе на RebelleRally.com.
>>> Овие дами ќе возат рели со Kia Sorento

















