за

Тест на ADAC: Колку се добри сопирачките дискови од продавница за автоделови?

Менувањето на сопирачките дискови и облоги обично е скап зафат. Но, мора ли секогаш да се користат оригинални резервни делови? Клубот ADAC провери дали и деловите од продавниците се исто толку добри.

Истрошените сопирачки се честа причина за посета на сервисна работилница. Поправката може да чини од неколку стотини евра за малечок автомобил до неколку илјади евра за скапи спортски автомобили.

Може ли да се заштеди при замената на истрошените сопирачки дискови и спокојно да се вградат дискови од продавница за автоделови, место да се плаќа за оригинален резервен дел, што мајсторите во сервисната работилница ќе го отпакуваат од кутијата на којашто е испечатен знакот на производителот на автомобилот? Независните сервисни работилници ги привлекуваат возачите со пониски цени, ветувајќи дека ќе вградат делови од марки што произведуваат квалитетно. Постојат и примери кога договорни сервисни работилници рекламираат поволни цени за замена на сопирачките дискови и облоги кај автомобили од постаро годиште. Пониските цени се постигнуваат на тој начин што не се вградуваат скапите оригинални резевни делови од производителот на автомобилот, туку делови од производители што ги снабдуваат продавниците за автоделови.

Германскиот клуб ADAC тестираше колку се добри заменските делови. На тестот се најдоа комплети од по четири сопирачки дискови од пет различни производители на заменски делови, наменети за вградување во Volkswagen Golf 7. Овие сопирачки дискови беа споредувани со оригиналните резервни делови од Volkswagen. Се оценуваа безбедноста и долготрајноста, како и влијанието врз животната средина (количината на прашина што се ослободува при сопирањето).

Тестирањето се одвиваше на пробни валци и во реални услови на возење. Во првиот случај се проверуваа моќта на сопирање и абењето, додека при возењето по пробна патека главно се проверуваше како комплетите сопирачки од различни производители влијаат врз возните својства.

Сопирачките дискови што се најдоа на тестот на ADAC:

  • Оригинални резервни делови на Volkswagen
  • Спортски сопирачки од производителите Brembo и Zimmermann
  • Сопирачки со намалено ослободување честички од ATE
  • Сопирачки со достапна цена од квалитетна марка, Bosch
  • Сопирачки со ниска цена од Ridex

Разликите во цената се големи. Додека Volkswagen за четири дискови со облоги бара 432 евра (цена во Германија), за истиот комплет од Ridex треба да се издвојат само 100 евра. На тоа треба да се пресметаат дополнително и трошоците за работна рака, коишто се разликуваат од една до друга сервисна работилница.

Нема разлики во должината на патот на сопирање

Резултатите: Сите производи од квалитетни марки од продавниците за автоделови ја исполнуваат нормата UN-R 90 што важи во цела Европа. На тестот на ADAC, сите тие сопирачки беа оценети со „многу добро“ и се на исто ниво со поскапите оригинални делови од производителот на автомобилот. Единствено евтините сопирачки од Ridex се оценети со „добро“. Клубот оттука заклучува дека добриот квалитет не мора секогаш да чини многу.

штетни честички сопирачки дискови

Зачудуваат резултатите од мерењето на моќта на сопирање. Должините на патот на сопирање од 100 km/h кај петте сопирачки со оцена „многу добро“ се разликуваат за одвај половина метар. Во нормални услови, дури и евтините сопирачки од Ridex сопираат само еден метар послабо. Но, нивниот проблем е кога ќе се прегреат, на пример при подинамично возење или при брзо спуштање по долга надолнина. ADAC при тестирањето на пробни валци утврди дека коефициентот на триење кај евтините Ridex се смалува драматично кога сопирачките дискови ќе се прегреат.

Причината за малите разлики при возењето на пробна патека е во тоа, што во сите нови возила што се произведени по 2009 година, стандардно се вградува асистент за сопирање. Овој систем помага при нагло сопирање. Кога возачот нагло ќе притисне врз сопирачката, системот тоа го препознава како реакција при опасност. Во тој случај, притисокот во сопирачките се зголемува за миг и се постигнува максимална сила на запирање, во подрачјето на делување на ABS.

Перфорираните сопирачки дискови навистина оддаваат спортски впечаток, но ADAC не измери дека тоа влијае позитивно врз моќта на сопирање и абењето.

Победник на тестот се „керамик“ сопирачките од ATE

При тестирањето во возење, најдобри вредности на коефициентот на триење беа постигнати со сопирачките од ATE со намалено абење, што последувателно води и до помало валкање на тркалата (Ceramic е само името, секако дека не станува збор за керамички сопирачки). При посилно оптоварување за нијанса се намалува моќта на сопирање, но пак се постигнуваат добри вредности. Во поглед на прашината, количината е иста како кај останатите сопирачки, но таа се отстранува најлесно.

Оригиналните сопирачки дискови и облоги од Volkswagen поститнуваат висока и постојана моќ на сопирање, независно од оптоварувањето, брзината и температурата. Безбедноста е на врвно ниво и се добива предвидлива и рамномерна реакција при сопирање. При возење во нормални услови, сепак беше измерено поголемо абење на дисковите, а посебно на облогите.

На перфорираните дискови од серијата Xtra-Line на италијанската премиум марка Brembo, при нормални услови на возење им беше измерена највисока моќ на сопирање на пробни валци. При поголемо оптоварување, овие сопирачки сепак имаат послаб коефициент на триење од оригиналните VW-сопирачки. Смалувањето на коефициентот на триење при повисока температура, познато како „фејдинг“, беше причина за сопирачките Brembo да изгубат еден бод. Покрај тоа, абењето на дисковите и облогите е неколкукратно поголемо отколку кај останатите производи. Тоа е скапо и кусо задоволство. Кога дебелината на дисковите ќе се намали за само 2,2 милиметри, веќе е постигната нивната граница на истрошеност.

Како се произведуваат сопирачки Brembo

Коефициентот на триење на перфорираните дискови од Zimmermann при нормални услови е послаб од просекот, а овие сопирачки се чувствителни и на фејдинг во одредена мера. Во целина, сепак се постигнуваат добри вредности. Абењето во секојдневни услови е умерено, а истото важи и при посилно оптоварување, на пример сопирање од висока брзина или спушање по надолнина.

Сопирачките од Bosch постигнуваат задоволнителна моќ на сопирање и мало абење, како при умерено оптоварување, така и при посилно оптоварување. Проблем се воочува по отстранувањето на облогите. По мерењето на вредноста на абење при висока температура, во една од облогите се создала пукнатина во материјалот. Тоа уште не претставува опасност за возење, но може да стане проблем како што понатаму ќе се троши облогата. Клубот ADAC оценува дека сопирачките од Bosch сепак се пристојна замена за возачи на коишто им е важно да заштедат, што ретко возат по планински терен и со висока натовареност.

Евтините сопирачки дискови и облоги од Ridex разочаруваат со слабиот коефициент на триење. Во реални услови на возење, вредноста на триењето е потпросечна. Под оптоварување и при прегревање, вредноста се намалува уште толку, со осетен фејдинг. Наспроти тоа, абењето и ослободувањето прашина кај Ridex се во примерни рамки. И покрај тоа, клубот ADAC не може да даде подобра оцена од „добро“.

Пример за цени на сопирачки облоги и комплет сопирачки облоги и дискови за предна оска за Ford (извор ADAC, цените во евра од примерот важат за Германија, без трошок за работна рака за вградувањето)

Ford Fiesta  150 430
Ford Fiesta Active  150 430
Ford Fiesta ST  160 430
Ford Focus  200 450
Ford Focus Active  200 450
Ford Focus Active Turnier  200 450
Ford Focus ST  200 450
Ford Focus ST Turnier  200 450
Ford Focus Turnier  200 450
Ford Galaxy  200 570
Ford Kuga  200 450
Ford Mondeo  210 590
Ford Mondeo Limousine 210 590
Ford Mondeo Turnier  210 590
Ford Mustang Convertible  370 1070
Ford Mustang Fastback  370 1070
Ford Mustang Mach-E  360 1050
Ford Puma  150 430
Ford Puma ST  160 430
Ford Ranger  290 820
Ford Ranger Raptor  290 820
Ford S-MAX  200 570
Ford Tourneo Connect  170 450
Ford Tourneo Courier  190 530
Ford Tourneo Custom  180 650
Ford Transit Connect Furgon 160 450
Ford Transit Connect Kombi  170 450
Ford Transit Courier Furgon 190 530
Ford Transit Custom Furgon 180 650
Ford Transit Custom Kombi  180 650
Ford Transit Custom Kombi Nugget  180 650
Ford Transit Furgon 180 620
Ford Transit Kombi  180 620

>>> Евтините гуми сопираат три должини на автомобил подоцна

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toj e рускиот Unimog: Теренски камион GAZ Sadko Next

По забавата во Берлин: Tesla ќе произведува гига-пиво