за

Toj e рускиот Unimog: Теренски камион GAZ Sadko Next

Влегување во вода длабока преку еден метар, систем за самостојно пумпање на гумите и зафатнина само на еден цилиндар поголема од цел мотор на Ford Focus, тоа е рускиот 4×4 феномен од камион, производ на GAZ.

Русите сакаат издржливи автомобили. Поточно, неопходни им се возила што ќе ги издржат сите можни предизвици кои им ги приредува големата земја. GAZ Sadko Next е камион што го носи името на херојот од руските бајки Садко. Според тоа што може да го постигне, овој теренски камион и самиот е херој.

Камионите на GAZ се прочуени по нивната способност за совладување секаков терен. GAZ-66 е појава што им е позната на многумина, главно во воени бои. Познат под прекарот „Шишига“, овој модерен предводник на 4х4-камионите на GAZ се произведуваше до 1998 година. По него следеше GAZ-3308, кој исто така си заслужи прекар – тој е Садко, според името на херој од руските бајки. Традицијата ја продолжува новиот Садко, кој се произведува од 2019 година, под името GAZ Sadko Next.

Конструкцијата е нова, но доблестите се старите. Новата генерација на Sadko ги презема од своите претходници квалитетите што се ценат кога се вози по терен: Агол на пристап од 40 степени, најмалку 315 милиметри растојание од подлогата, торзиска рамка, пренос со теренска редукција, блокада на предниот и задниот диференцијал, и секако, сопствен систем за пумпање на гумите. Тоа што го надградува новиот Sadko се само екстра квалитети, во форма на подобрени возни својства и комфор.

Системот за контрола на притисокот во гумите всушност е исто толку пресуден квалитет при возење по терен, колку што е торзиската рамка. Со спуштање на притисокот од 4,7 на 0,9 бар, нагазната површина на теренските гуми се удвојува. Тоа гарантира дека GAZ Sadko Next ќе се извлече и од најголемата кал и ќе се искачи и по длабок снег. Кога ќе се совлада пречката, тогаш може по само неколку минути пумпање на гумите со сопствениот пневматски систем да се продолжи возењето со нормална брзина.

GAZ Sadko Next на Рели Дакар

Возните својства меѓу другото се подобрија и со сведувањето на суспензијата на предната оска на само две листести пружини. Менувачот со 5 степени исто така е нова конструкција, со олеснето префрлување од еден во друг степен и без вибрации на рачката на менувачот.

Импресивни се способностите на овој несекојдневен „теренец“ на GAZ. Камионот совладува нагорнина до 31 степени, може да искачи скалило високо 40 сантиметри и да мине преку јаз широк 70 сантиметри. Згора на тоа, речен ток длабок до 1,2 метар воопшто не е проблем за херојскиот Sadko.

Моторот е YMZ 534, четирицилиндарски турбодизел од 4,3 литри, со впрскување под висок притисок (common rail) од Bosch. Моќноста е зголемена на 149 КС при 2.300 вртежи во минута, а соодветно порасна и вртежниот момент на 490 њутнметри, од 1.200 до 2.100 вртежи. Само моторот тежи 480 килограми. Има „материјал“ во овој мотор.

Поставата од теренски специјалци на GAZ

Има и автомобилски квалитети: Амортизирано возачко седиште, клима уред, догревач за кабината, поврзување телефон со радиото, централна брава, местење на воланот, електрика на прозорци, грејачи во ретровизорите, па и темпомат не недостига. Опции се втор резервоар од 95 литри, вител, грејачи во седиштата и продолжен канал за вшмукување воздух. Во кабината има место за уште двајца патници, а верзијата со двојна кабина располага со капацитет за 7 патници, со тоа што задната клупа може да се претвори во лежај.

Рускиот гигант GAZ може да понуди до 150 надградби на носечката платформа, од минибус за работна екипа, до противпожарно возило.

Тоа што најдобро ги заокружува сите овие квалитети е цената. Во Русија, изведбата со единечна кабина и ознака C41A23-20 чини 3.129.000 рубли. Тоа се грубо пресметано 37.700 евра. Помалку од шминкерски теренец. Нормално, за ова е потребна и соодветна возачка дозвола. GAZ Sadko Next во Македонија го продава познатата компанија АБЦ Бротхер, којашто неодамна ја промовираше и новата генерација на Gazelle NN.

>>> TDI за Gazelle: Руска газела со германско срце

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla денес организира гига-забава во фабриката во Берлин

Тест на ADAC: Колку се добри сопирачките дискови од продавница за автоделови?