Во Јапонија во минатата година се продале 4,6 милиони возила, за 11,5% помалку отколку во ’19. Кусокот за целиот пазар, предизвикан од корона вирусот, изнесува близу 600.000 возила. Toyota изгубила само 6% од продажбата, што е речиси двојно помалку од просекот во земјата. Големата вест всушност доаѓа од Suzuki.
Со релативно добро задржување на динамиката во продажбата и со умерен пад во услови на пандемија од 9,4 проценти, Suzuki ја заврши минатата година на второто место на автомобилскиот пазар во Јапонија. Марката со големото S го престигна ланскиот вицешампион Honda, кој се соочи со продажба намалена за 14,3 проценти и се најде на третото место на најпродавани марки во земјата. Suzuki воедно го зголеми уделот и сега држи 13,7 проценти од јапонскиот пазар.
Добро се држеше и Daihatsu, чијшто пад (-10.1%) е помал од пазарниот просек. Наспроти тоа, Nissan (-17.5%), Mazda (-13.6%) и Subaru (-19.6%), сите тие имаат натпросечен пад. Понатаму во јапонскиот Топ 35, посебно е впечатлив растот на Ferrari од 24,7 проценти – иако станува збор за релативно мал број возила. Во споредба со своите преклански продажби, добро се држеле и Ford (+6.6%) и Porsche (+1,3%).
Во конкуренција на модели, Toyota Yaris е неприкосновена на врвот, со близу 152.000 продадени примероци, вклучувајќи ја и изведбата Yaris Cross. На јапонските возачки и возачи очигледно им се допаѓа „новото“ име на градската Toyota, затоа што претходната генерација на Yaris таму се продаваше под името Vitz.
Toyota Raize е втор најпродаван модел во Јапонија, пред Toyota Corolla (+13,3%). Водечката петорка ја заокружуваат Honda Fit/Jazz (+32%) и Toyota Alphard (+32,1%). Шампионот од лани, Toyota Prius (-46.4%), се спушти на 12-то место. Објаснувањето за тоа е во Corolla, којашто сега се нуди со две варијанти на хибриден погон и во три каросериски изведби. И повторно Suzuki: Нивниот Jimny Wagon напредувал за дури 53,3 проценти.
Suzuki е посебно силен на домашниот пазар во сегментот на привилегираните мини-автомобили
Во категоријата на мини-автомобилите прва е Honda N-BOX (-22,7%). Следи Suzuki Spacia (-15,9%), којашто напредуваше за едно место и го потисна Daihatsu Tanto. Понатаму, Daihatsu Move (-15,2%) го престигна Nissan Dayz (-44,7%). Suzuki се појавува уште еднаш со Hustler (+38.5%), кој напредувал за три места и лани бил шести најпродаван модел во привилегираната категорија на мини автомобилите (долги до 3,4 метри, широки до 1,48 метар и со мотор до 660 cm3)
На јапонскиот пазар се продаваат добро и увозните модели: Mini, Mercedes A-Class, VW Golf и T-Cross, BMW серија 3, Volvo серија 60 и Mercedes CLA.