Локалниот огранок на Suzuki на големиот индиски пазар за марката, Maruti Suzuki India Ltd., ја претстави новата Brezza, заменичка за Vitara Brezza. Техниката и натаму потекнува од моделот Vitara, што ни е совршено познат на европскиот пазар, а разликата е главно во тоа што каросеријата е покуса. Со освежувања во надворешниот изглед и целосно преработена внатрешност, Brezza го продолжува моделскиот век на индискиот пазар.
Место Vitara Brezza, само Brezza. Suzuki ja претстави новата генерација на малечкиот СУВ што од премиерата во 2016 година до денес се продаде во повеќе од 750.000 премероци, само на индискиот пазар. Техниката останува иста, со мали измени, и преземена е од Suzuki Vitara. Во споредба со моделот што постигнува мошне висок удел во продажбата во СУВ-сегментот во Европа, индиската Vitara Brezza, односно сега само Brezza, покуса е за дваесетина сантиметри.
Новата Brezza, наследничка на моделот што е најпродаван во сегментот на компактните СУВ-модели, има мошне симпатична појава. Маската е соединета со светлата и во неа е највпечатлив масивниот средишен појас од темна пластика, со два невообичаено поставени сребрени лакови над појасот. Современата техника што ја поседува новата Brezza се прикажува преку двете светлечки ленти што го сочинуваат дневното светло.
Нагласокот всушност се поставува на високата и цврста хауба, како и на страничниот појас, којшто исто така оддава моќност со правите рабови и со масивната заштита во долниот дел од вратите.
Внатрешноста е двобојна, во црна и кафена боја, со сребрени акценти во инструментите, што според индиските дизајнери создава впечаток за спортски и урбан автомобил. Од опрема може да се добие сé, од електричен сончев покрив и проекциски дисплеј, до камери со приказ во 360 степени.
Тоа што денес и на индиските возачки и возачи им е неопходно во автомобилот, секако дека е онлајн-функционалност, со системот Suzuki Connect. Целпри развојот било да се понуди и повисок комфор. Во таа насока, задната клупа е поширока, има отвори за проветрување и назад, како и USB-приклучоци и безжично полнење телефон.
Палетата на бои мора да биде богата за индискиот пазар. Се нудат шест светли бои и три комбинации од двобојна каросерија
Меѓу главните новитети секако дека спаѓа и 1,5-литарскиот мотор Dual Jet, којшто се одликува со висока ефикасност и се вградува масовно во светската гама од модели на Suzuki, вклучувајќи ги и новите верзии на Vitara и S-Cross со самополнечки хибриден погон на европскиот пазар.
Сегментот на СУВ-возила забележа огромен раст во изминатите години и моментно учествува со 40% во вкупната продажба на возила. Suzuki цели да го зголеми дополнително своето присуство во сегментот, со новата Brezza. Паралелно со моделот на Suzuki, на индискиот пазар ќе се нуди и верзија под знакот на Toyota, којашто во август стартува со производство во Toyota Kirloskar Motor Pvt. Ltd. Компанијата очекува дека со новата Brezza и со верзијата на Toyota, во среден рок ќе постигне продажен удел од преку 50% на автомобилскиот пазар во Индија.
Основни технички податоци за новата Suzuki Brezza за индискиот пазар
- Должина 3.995 mm x Ширина 1.790 mm x Висина 1.685 mm
- Вид на мотор: 1.5L Dual Jet со благ хибриден погон (smart hybrid system)
- Пренос на сила: 5-степен мануелен менувач / 6-степен автоматски менувач (со команди на воланот)