Моделската година 2023 на Suzuki V-Strom 1050 ќе се состои од две изведби на мотоциклот со големиот V2-мотор. На познатиот V-Strom 1050 му се придружува V-Strom 1050 DE. Варијантата XT повеќе нема да се нуди.
Кај основната изведба на Suzuki V-Strom 1050 нема големи промени. Најголемата новина е смената на предното жичано тркало со лиено тркало, што е полесно 5 килограми. Целото тежиште на обновувањето на гамата е ставено на новата изведба V-Strom 1050 DE. Со оваа верзија, Suzuki излегува во пресрет на трендот, што на големите и тешки патнички ендуро-модели им налага големо тркало од 21 инчи напред, со гума со димензија 90/90-21.
Трендот го започна Triumph со новиот Tiger 1200, по кого што следеше Ducati Desert X, иако тој е во малку полесна категорија. Кај Suzuki сепак не е извршена само замена со поголемо тркало, туку има и технички финеси. Всушност, целата шасија и подвозјето се преработени. Со задната вилушка што е подолга за 40 милиметри се продолжи и меѓуоскиното растојание на 1.595 милиметри. Нови амортизери и пружини напред обезбедуваат за 10 милиметри подолг óд (170 милиметри), додека назад одот е продолжен за 9 милиметри (169 mm) во споредба со стандадниот V-Strom 1050.
Со тоа и растојанието од подлогата се зголеми за 25 милиметри и сега изнесува 190 милиметри. Соодветно и висината на седењето се зголеми на 880 милиметри. Новата клупа на Suzuki V-Strom 1050 DE не се мести по висина, додека кај „1050“, може таа да се намести за 20 милиметри повисоко. Со агол од 62,7 степени, главата на воланот кај DE е за нијанса повеќе легната во споредба со „1050“ со неговите 64 степени. Тоа прави затурот кај DE да биде подолг за 16 милиметри (126 милиметри). Новата вилушка, големото тркало и новите амортизери и пружини ја зголемија тежината на 1050 DЕ на 252 килограми. Тоа се пет килограми повеќе во споредба со XT и 10 килограми повеќе од новиот V-Strom 1050.
Во преработената рамка на V-Strom е сместен познатиот и докажан V2 со зафатнина од 1.037 кубици, со вртежен момент од 100 Nm при 6.000/min и моќност од 107 КС при 8.500/min. Моторот со два цилиндри во V под агол од 90 степени уште од претходно исполнува норма Euro 5, а за новото моделско годиште добива издувни вентили што се наполнети со натриум. Тој преоѓа во течна состојба малку над 90 степени и помага жештината од печурката на вентилот да се пренесе поефикасно во телото на вентлот, за на тој начин да се смали температурата во издувот.
Неколку поситни промени има и во 6-степениот менувач. За новиот Quickshifter + Blipper, продолжен е преносниот однос во 1-от и 6-от степен, а потоа и секундарниот преносен однос е скусен за четири запци, од 17/41 на 17/45. Suzuki V-Strom 1050 DE дополнително има и зајакнат синџир за преносот на сила.
Suzuki V-Strom 1050 DE
Suzuki ја дотера и елеткрониката. Централен елемент кај двата модели е новиот TFT-дисплеј, со патен компјутер што обезбедува изобилство податоци. Покрај моментниот режим на возење и избраниот степен на контролата на тракција, дисплејот прикажува и дали е активен новиот Quickshifter + Blipper. Кај поекстремната теренска изведба V-Strom 1050 DE се прикажува и новиот режим на работа на контролата на тракција G (за Gravel), како и работата на ABS за задното тркало.
За новото моделско годиште на V-Strom може да се избира меѓу шест бои. Новиот Suzuki V-Strom 1050 DE е достапен во познатата Champion Yellow или во сино-бела комбинација, односно во целосно црна изведба. Стандардниот V-Strom 1050 се нуди во темносина боја, во сива боја со црвени тркала или во црна боја со бронзени тркала. Испораките стартуваат напролет.
Шефот на Suzuki доби Орден на заслуги од унгарскиот премиер Орбан