за

Mercedes во соработка со Rivian за производство на електрични комбиња

Mercedes и американскиот производител на електрични пикапи Rivian заеднички ќе произведуваат големо комбе со чисто електричен погон во фабрика во Европа.

amazon elektricno kombe
amazon elektricno kombe

Mercedes-Benz Vans и Rivian потпишаа писмо на разбирање, за во следните пет години да започнат заедничко производство на електрични комбиња, во фабрика во Централна или Источна Европа.

Двете компании планираат да ги произведуваат моделите под своите марки на заедничка лента. Mercedes воедно го искористи овој повод за да соопшти и дека развива нова платформа за доставни возила со чисто електричен погон, која се води под името VAN.EA.

Mercedes и Rivian ќе произведуваат два модели на големи доставни возила. Едното ќе биде конструирано врз платформата VAN.EA на Mercedes, додека другото ќе се базира врз електричната платформа за доставни возила на Rivian. Не се посочува локацијата на којашто ќе се произведуваат возилата.

Германскиот производител ќе ги преструктурира своите домашни фабрики, во коишто моментно се произведува големиот ван Sprinter, со цел да се смалат високите трошоци за производство на електрични возила.

Во својата фабрика во Диселдорф, Mercedes ќе вложи 400 милиони евра, за преоѓање на електричен погон. Mercedes во соопштението само површно наведува дека некоја од своите постоечки фабрики што се наоѓаат во Централна и Источна Европа, ќе ја вклучи како трета фабрика во којашто ќе се произведуваат доставни возила, покрај погоните во Диседорф и Лудвигсфелде.

Постои голема веројатност дека фабриката на Mercedes во Кечкемет / Унгарија, ќе се најде како главен фаворит за производство на електричните ванови

Унгарската фабрика е отворена во 2012 година и таму во моментов се произведуваат модели од компактната класа, меѓу кои A-Class и B-Class, вклучувајќи го и CLA. Планот е постепено да се смалува гамата и производството на овие модели, што е во согласност со плановите на Mercedes-Benz да се посвети првенствено на автомобили од највисоките класи.

Платформата VAN.EA ќе се користи за целосно електрични ванови од средна и од голема категорија. По 2025 година, секој нов модел на доставно возило на Mercedes што ќе се пушта во продажба ќе биде со целосно електричен погон.

Mercedes eVito на струја е интересен за фирмите
Mercedes eVito на струја е интересен за фирмите

Mercedes соработува и со Renault, во развојот и производството на компактните модели Citan и T-Class, како варијанта на Kangoo. Вановите се нудат и во целосно електрична изведба. Mercedes Vito, моделот од средна категорија, исто така е достапен во верзија со погон на батерија. Големиот електричен ван Mercedes eSprinter беше претставен во 2019 година. Наследникот веќе е во фаза на тестирање на прототипите.

Соработката со Mercedes се случува во мошне критично време за Rivian. Производителот на електрични комбиња, како и пикапи и СУВ-модели, се соочува со големи потешкотии при зголемувањето на продукцијата во фабриката во Илиноис. Проблем е нередовната испорака на компоненти од добавувачите, како и поскапувањето на материјалите, што услови отпуштање на персоналот и одложување на плановите. Вредноста на акциите на Rivian е опадната за 68 проценти за една година.

Rivian е меѓу бројните стартап компании што се борат да ја покријат високата побарувачка за електрични доставни возила. Но, големите автомобилски компании успеаја да кусо време да им парираат на стартапите и не дозволуваат други да им се вмешуваат во бизнисот.

Концернот Stellantis во почетокот на годинава потпиша договор со Amazon за испорака на електрични ванови. Rivian уште од претходно има договор со гигантот за онлајн-продажба Amazon, со којшто се предвидува до 2030 година да бидат испорачани 100.000 доставни возила.

Џорџ Сорос вложи 2 милијарди $ во американскиот Rivian

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Suzuki V-Strom 1050 DE за уште подолги авантури по теренот

Jeep Avenger е новиот основен модел, вози и на струја, ќе доаѓа од Полска