Лозата на Suzuki Jimny (III дел): Генерацијата од 1981 до 1998

Suzuki SJ 413 samurai

Малечкиот теренец на Suzuki веќе имаше три децении историја и три генерации зад себе, кога во почетокот на 1980-те години беше прикажан новиот SJ 410. Тој имаше забележана премиера на големиот салон во Франкфурт во есента 1981 година. Наследникот на LJ 80 на некои пазари се водеше и како Jumny 1000. Во пролетта следната година, Suzuki SJ 410 веќе беше достапен во продажба во Европа. Тоа беше почеток на следното големо поглавје.

Голема историја за малечок теренец. Во третото продолжение за 50-годишната историја на Suzuki Jimny следи генерацијата што се произведуваше близу две децении, од 1981 до 1998 година. Suzuki SJ 410 презеде солидно наследство од генерациите LJ 10 (1970-1972), LJ 20 (1972-1975) и LJ 50/80 (1976-1981).

Suzuki SJ го задржа препознатливиот изглед на претходниците, со големите тркалезни светла и со маската со попречни изрези. Техниката сепак беше сменета целосно, а пораснаа и димензиите на возилото во сите правци.

https://photos.app.goo.gl/mcj9kXSaEXYsU3Lu6

Изведбата со кусо меѓуоскино растојание се издолжи на 3,43 метри. Подолгата изведба во почетокот не беше достапна на европскиот пазар. Со зголемената ширина и со намалената висина, малечкиот Suzuki доби поскладни пропорции во споредба со претходникот. По една година од почетокот на продажбата пристигна и изведбата на Suzuki SJ со продолжено меѓуисокино растојание. Оваа изведба се нудеше само како пикап.

Заедно со „измазнетиот“ изглед, SJ понуди повеќе комфор во возењето. За разлика од претходно, назад беше поставена нормална задна клупа, додека кај претходниците назад се седеше попреку. Клупата се соборуваше во случај на потреба да се превезува поголем товар, што обично беше спортски прибор.

https://photos.app.goo.gl/jFQBj7qb69PFs6Kc9

Работната средина на возачот исто така доби посовремен изглед. Во подвозјето и во погонскиот концепт, SJ беше идентичен со LJ, меѓутоа имаше голема новина под хаубата. Таму работеше 1,0-литарски четирицилиндарец со моќност од 45 КС и со вртежен момент од 74 Nm при 3.250 вртежи.

Пазарот реагираше одушевено. Најголем извозен пазар за јапонскиот теренец беше Германија, каде што за две и пол години се продадоа 25.000 возила. Suzuki SJ во тие години уживаше 35% проценти од пазарот на теренски возила, кој растеше со бурно темпо. На крајот на 1984 година беше претставен моделот SJ 413. Ознаката укажуваше на посилен мотор во споредба со SJ 410.

https://photos.app.goo.gl/Z9oeTEs9VPuJMs5H7

Во новата моделска изведба работеше 1,3-литарски мотор со 64 КС. Со мини-теренецот на Suzuki сега можеше да се вози и на подолги релации, вклучувајќи автопат. SJ 413 имаше и нов петстепен менувач со продолжени преносни односи. Системот за сопирање исто така беше унапреден со додавање на засилувач на силата на сопирање.

Двете изведби се разликуваа по формата на маската. Ламелите во маската кај основната изведба се протегаат надолжно, додека кај SJ 413 тие се поставени попречно. Со посилниот мотор се испорачува изведба со повишен покрив, во којашто способниот теренец на Suzuki се извиши на 1,83 метар.

https://photos.app.goo.gl/FWQvGCybAs9hK5Td7

Женева повторно беше сцена за светската премиера на теренецот на Suzuki во пролетта 1988, кога беше претставен SJ Samurai. Причината за освежувањето на авантуристичкиот модел се дозна кон крајот на истата година, откако Suzuki ја претстави првата генерација на Vitara. Оттогаш, SJ беше основен теренски модел на јапонската марка, додека Vitara целеше кон повисоките класи.

Samurai и натаму беше достапен во товарна изведба со обичен или повишен покрив, и како кабриолет со платнен или цврст покрив. Најпродавана изведба беше токму кабриолетот, со удел во продажбата меѓу 80 и 90 проценти. Најголемите промени во изгледот беа двобојната маска и проширувањата на крилата што беа лакирани во иста боја со каросеријата. Кокпитот исто така доби модерни црти. Моќноста на 1,3-литарецот со нерегулиран катализатор изнесуваше 60 КС, односно 64 КС во изведбата без катализатор.

https://photos.app.goo.gl/U7Recvi8MFNSvzTc8

Промени во моторот следеа во 1990 година, со додавањето електронски регулирано централно впрскување на горивото и регулиран катализатор. Моќноста порасна на 70 КС, а максималниот вртежниот момент се искачи на 103 њутнметри. Крајната брзина се зголеми на 130 km/h, иако таа очигледно им беше најмалку важна на бројните љубители на моделот. Имаше промени и во погонот и во подвозјето на Samurai, но основниот концепт остана непроменет.

https://photos.app.goo.gl/9WTMrmCWj2keRe4F6

Suzuki беше големо име на сцената на теренските возила. Во 1999 година, во Samurai проработе и дизел мотор, во товарната изведба, коајшто беше понудена на неколку пазари во Европа. Во тоа време веќе почнува следното поглавје. Пристига Suzuki Jimny. За него во следното продолжение.

>>> Лозата на Suzuki Jimny: Сé започна со LJ 10 пред 50 години

Suzuki LJ10 Jimny 1970

>>> Лозата на Suzuki Jimny (II дел): Генерациите од 1972 до 1981 година

Лозата на Suzuki Jimny (II дел): Генерациите од 1972 до 1981 година

Претходна објаваВодородна Toyota Mirai во редовна продажба во Германија, субвенција 7.500€
Следна објаваЧетири модели на Kia се „Најдобар избор“ според Consumer Guide

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here