за

Лозата на Suzuki Jimny: Сé започна со LJ 10 пред 50 години

Актуелниот Suzuki Jimny не е феномен што се случил преку ноќ, туку е дел од една долга лоза. Почетокот го означи LJ 10, познат и како Jimny 360.

Suzuki LJ10 Jimny 1970

Еден малечок автомобил се вбројува меѓу најголемите на сцената на теренските возила. Suzuki Jimny можеби е скромен по димензии, но името е големо. За половина век, од сите генерации досега се продадоа близу 3 милиони примероци.

Успехот на Suzuki на европскиот пазар во голема мерка се должи на Jimny. Јапонската марка првпат почна да вози на континентот во 1980 година, со тогашниот LJ 80. Повеќето обележја на „ел-џеј“ се присутни и во филозофијата со којашто Suzuki денес ги конструира своите модели. Тоа се функционалност, издржлива техника, достапни цени и предности од компактните димензии во секојдневието.

Suzuki LJ беше прв малечок теренец на времето и до денес не постои конкурент што постигнал повеќе во сегментот, вклучувајќи неограничена применливост во секојдневието.

Во 2020 година, Suzuki одбележува 125 години од основањето, а во исто време и половина век на Jimny. Продажбата на LJ 10 (Jimny 360) во Јапонија започна уште во 1970 година. Кога во Европа се појави првиот авгтомобил со ова име, на салонот во Франкфурт во септември 1979 година, Jimny веќе беше во својата трета генерација и се водеше под ознаката LJ 80.

Првата генерација на Suzuki Jimny (1970-1972):

Кога стартуваше со продажба првиот LJ во 1970 година, Suzuki беше повеќе познат како производител на мотоцикли. Компанијата веќе 15 години произведуваше и автомобили, но тие се продаваа само на домашниот пазар. Suzuki во 1968 година откупи лиценца за првиот мини-теренец од компанијата Hope Motor.

Таа во 1965 година го претстави HopeStar ON 360, како малечок теренец, долг три метри и тежок 625 килограми, кој личеше многу на Jeep. За погонот беше задолжен воздушно ладен двотактен мотор со зафатнина од 359 сантиметри кубни и 21 КС, произведен од Mitsubishi. Погонот беше назад, со приклучување на предната оска по потреба. Продажбата стартуваше во 1967 година, но компанијата продаде само 15 примероци. По една година, Suzuki ги откупи правата за Hope Star ON 360.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во следните две години, Suzuki го усовршува Hope Star и од него произлегува првиот Jimny. За димензиите и моќноста решаваат јапонските прописи, со коишто им се даваат привилегии на мини-автомобилите, вклучувајќи и понизок данок. Поради тоа, Jimny смее да користи само мотор до 360 сантиметри кубни и не смее да биде подолг од три метри, односно поширок од 1,3 метар.

Suzuki LJ 10, односно Jimny 360 почнува со продажба во април 1970, како најмал теренец во светот. За разлика од комплетно отворениот Hope Star, Jimny добива платнен покрив. Вратите во почетокот се изведени со патент затворач, една година подоцна се вградуваат нормални врати. Поради тоа што резервното тркало не смее да се постави назад, да не ја зголеми должината на возилото над три метри, направен е компромис. Тркалото е поставено зад совозачот, односно првиот Jimny има три седишта.

Под хаубата работи сопствен мотор. Тоа е двоцилиндарски двотактен мотор од 459 cm3, со воздушно ладење и моќност од 25 КС при 6000 вртежи. Максималниот вртежен момент од 33,4 Nm се постигнува при 5.000/min. Крајната брзина изнесува 72 km/h.

Suzuki LJ 10 ги поставува основите на дизајнот што ги користи и моделот од актуелната генерација. Јапонскиот производител со сегашниот Jimny одигра многу вешта партија. Познавачите на сцената уште рано беа запознаени со фактот дека Suzuki ќе престане со продажба на Jimny, затоа што мини-теренецот се издвојува многу со емисијата на СО2 наспроти останатата понуда од модели, кои сите до еден користат благ хибриден погон. Одредено време владееше вистинска пазарна трка да се набави примерок плус од моделот. Сопствениците инвестираа добро. Некои од нив веќе ги продадоа своите примероци по двојно повисока цена, други уште чекаат. Едно е извесно. Цената на актуелниот Jimny, кој привлече нов и многу поширок круг купувачи со својот ретро-изглед, во иднина само ќе продолжи да расте.

>>> Тест: Suzuki Jimny 1.5 GL

Suzuki Jimny 1.5 GL Test AutomediaMK

>>> Импресија • Suzuki Jimny 1.3 VVT

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Golf GTI Clubsport 8

VW Golf GTI Clubsport со копче за Нирбургринг

Volvo ја назначи Одгард Андерсон за директорка за автопилотирано возење

Volvo ја назначи Одгард Андерсон за директорка за автопилотирано возење