за

Лозата на Suzuki Jimny (II дел): Генерациите од 1972 до 1981 година

Некои автомобили не стареат. Одличен пример за тоа е Suzuki Jimny. Корените на овој мал, но култен автомобил со неоспорни теренски таленти, датираат од пред 50 години.

Лозата на Suzuki Jimny (II дел): Генерациите од 1972 до 1981 година

Малечок автомобил, голема историја. Suzuki Jimny има шест генерации зад себе и во сите го привлече вниманието на сцената. Првиот дел од нашиот серијал се однесуваше пра-генерацијата претставена во 1970 година, пред точно половина век. Следи второто поглавје на симпатичниот модел.

Големите успеси некогаш почнуваат во малечок формат. Кога Suzuki Jimny се појави пред 50 години со двоцилиндарец со 25 КС и зафатнина од 359 сантиметри кубни, малкумина ќе поверуваа дека негов наследник во 2007 година ќе се искачи на чилеанскиот вулкан Охос дел Саладо и ќе постави рекорд со 6.688 метри надморска висина.

Меѓу тие две временски рамки се случуваа многу работи во историјата на моделот, со кого што всушност започна историјата на Suzuki на европска почва. По само две години од премиерата на моделот, во 1972 година веќе стартуваше втората генерација на јапонскиот пазар. Логично, фабричката ознака се смени од LJ10 во LJ20.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Главната промена во новата генерација беше преоѓањето од воздушно на водено ладење на двоцилиндарецот. Со тоа се овозможи попријатен престој во кабината, заради побрзото и поефикасно греење на истата. Порасна и моќноста на моторот, од 25 на 32 КС, вклучувајќи и зголемување на вртежниот момент на 37,3 Nm.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Втората промена исто така одеше во корист на комфорниот престој во кабината на теренецот. Suzuki LJ првпат беше достапен и во таканаречена ван-изведба, со класичен метален покрив. Во 1974 година беа извезени и првите примероци за пазарот во САД, секако со волан од левата страна.

Преоѓањето во третата генерација се случи во 1976 година. Малечкиот теренец на Suzuki стана LJ50 и порасна во димензиите на каросеријата и во погонот. Тоа беше резултат од поместувањето на ограничувањата за одреден автомобил да припаѓа во повластената категорија возила во Јапонија. Моделот ги носеше и ознаките Jimny 550 и SJ10. Каросеријата порасна на 3,17 метри, а под хаубата проработе мотор со зафатнина од 539 сантиметри кубни.

Трицилиндарскиот мотор остана на двотактниот принцип. Со моќност од 33 КС и тежина од 635 килограми, Jimny можеше да постигне крајна брзина од 100 km/h. Друго законско олеснување беше тоа што резервното тркало смееше да се постави назад на каросеријата, без тоа да се смета во вкупната должина на возилото и да се изгубат даночните повластици. Место три седишта, кабината сега нудеше простор за уште еден патник. Посебноста беша во тоа што патниците назад седеа попречно на правецот на движење на возилото. Се нудеа две каросериски изведби, затворена и отворена.

Suzuki во исто време започна со производство и на LJ80, односно SJ20. Тоа е верзијата што три години подоцна ќе стартува со извоз. Моторот доби четири цилиндри и четири такти, зафатнина од 791 сантиметри кубни и моќност од 39 КС. Ширината на предната и задната оска беше зголемена за по 10 сантиметри. Верзијата на Jimny од 1977 година се распознава и по новите отвори за воздух на предниот дел од хаубата, како и по задните светла што се монтирани на каросеријата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште две години подоцна, светлата беа поместени нанадвор и надолу, со што Jimny го доби изгледот со којшто ќе го запознае и Европа, во следната година. Европската премиера на LJ80 е во септември 1979 година, на салонот ИАА во Франкфурт. Во март следната година почнува и продажбата.

Понудени се три каросериски изведби: Ван, пикап и кабриолет. Последнава варијанта се испорачува на европскиот пазар со метални врати. Токму кабриолетот придонесува за моделот да стекне огромна популарност во Европа. Не постои автомобил во којшто кабината е отворена повеќе отколку во LJ. Оваа изведба ќе остане најпопуларна и во следните генерации, со учество од 80 проценти.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Suzuki LJ80 е малечок, со должина од 3,2 метри и ширина од 1,4 метар, но со цврста носечка рамка, со крути оски со листести пружини и погон на сите тркала, што се вклучува по потреба, заедно со теренска редукција, овој автомобил се пробива по теренот до места што се недостижни за многу други модели од неговата сорта.

Suzuki Jimny се користи секаде и во секое време. Со него се патува до плажа, се пренесува даска за сурфање, го користат и ловци, го обожуваат авантуристите

Кабината е изведена едноставно. Со доплата се нудат две попречно поставени седишта назад, исто како и џебови со патент од задната страна на седиштата. За кабриолетот може да се нарача и цврст покрив, за во зима да биде потопло. Suzuki нуди и изобилство од прибор, меѓу другото и држач за ловечка пушка. Не недостигаат ниту вител напред, штитник за носот и решетки за светлата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во европската варијанта на LJ80 работи четирицилиндарецот од 797 ccm, со 41 КС при 5.500 вртежи и максимален вртежен момент од 61 Nm при 3.500 вртежи. Преку четиристепен мануелен менувач, силата се пренесува на задната оска. Втора рачка во средишниот тунел се користи за приклучување на погонот на предната оска, што е можно при секоја брзина. За екстра пригоди, од голема помош е теренската редукција.

Кусо по почетокот на продажбата на Jimny во Европа, Suzuki го претставува и моделот од четвртата генерација, кој ќе остане во понуда дури до 1998 година.

>>> Лозата на Suzuki Jimny: Сé започна со LJ 10 пред 50 години

Suzuki LJ10 Jimny 1970

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Просечна цена на користено возило на mobile.de во октомври 24.038 евра

Просечна цена на користено возило на mobile.de во октомври 24.038 евра

Луксузен пикап ќе им парира на Rolls-Royce & Co Aznom Palladium

Луксузен пикап ќе им парира на Rolls-Royce & Co