Suzuki традиционално бележи висок удел на италијанскиот пазар и тоа не треба да е изненадување, покрај „слабоста“ на италијанските возачки и возачи кон компактни и брзи автомобили. Додека некои марки лани губеа од пазарот, Suzuki напредуваше.
Suzuki ја заврши годината со рекорден удел на италијанскиот пазар. Со 2,42 проценти од пазарот, јапонската марка во историјата немала повисок удел во Италија. Со тоа, Suzuki се вбројува меѓу 18-те најголеми марки на големиот пазар.
Најдобро продаван модел на марката од Хамамацу е Ignis, кој е воедно и меѓу најпродаваните модели во целиот A-сегмент во земјата. Секако дека станува збор за автомобил со благ хибриден погон. Suzuki уште од преклани ја префрли целата своја понуда на погонот што класичниот анласер и алтернатор ги заменува со стартер-генератор, кој воедно ја полни и малата батерија во возилото. Блиску до Ignis следи уште едно големо име на Suzuki, Swift. Двата модели пристигнуваат директно од јапонските фабрики.
Крајниот резултат од продажбата за лани следи по низа претходни успеси на марката. Suzuki лани продал 33.455 автомобили, што е 2,42 проценти од вкупниот лански пазар од 1.381.496 нови автомобили во Италија. Рекордниот удел се случува во време кога повеќето марки го загубија пазарот како последица од корона-кризата.
Претходниот рекорд изнесуваше 2,00 проценти, во 2019 година, а пред тоа 1,72 процент. Овој раст укажува на постојан тренд и напредок на Suzuki, што не е случај единствено на италијанскиот пазар, туку се повторува и во Македонија, кадешто Suzuki лани имаше дури 4 проценти пазарен удел и повеќе од 200 продадени автомобили.
Продажбата на Suzuki во Италија лани се намалила за 12,61 проценти. Тој сепак се случува во услови кога целиот пазар во земјата е 27,93 проценти во минус, поради пандемијата што силно ја погоди земјата. Искачувањето на Suzuki меѓу 18-те најголеми марки на италијанскиот пазар е историски рекорд.
Од огранокот на јапонската марка ценат дека популарностасе должи на стопроцентната понуда од возила со благ хибриден погон, но и можноста да се избере изведба со погон на сите тркала и со автоматски менува во секој модел, од Ignis до S-Cross. Секако дека влијаат и цената, како и противвредноста што дополнително расте со богатата опременост.
Во конкуренција на модели со хибриден погон, Ignis лани бил на седмото место со 10.918 примероци, додека Swift е веднаш по него со 10.078 примероци. Suzuki е трета марка според продажен волумен на возила со хибриден погон во Италија.
Vitara и S-Cross, кои се дел од жестоката битка во СУВ-сегментот, го заокружуваат успехот на Suzuki соодветно со 6.215 примероци (од кои 4.677 се хибриди), односно 1.949 примероци (од кои 1.608 се хибриди). Vitara Hybrid 4WD AllGrip е меѓу десетте најпродавани СУВ-модели во земјата, со 3.496 примероци.
За годинава има ново засилување. Неколку недели пред завршетокот на годината стартуваше продажбата на СУВ-моделот со приклучен хибриден погон Across, а наскоро следи и комбито со хибриден погон Swace. Двата модели се дел од партнерството со Toyota и се базираат врз RAV4 Plug-in Hybrid и Corolla Sport Tourer. Предвидувањата за тековната година се 38.000 возила, односно вкупен волумен од 1,6 милион возила на италијанскиот пазар во 2021 година.