Повеќе од 160.000 патнички автомобили Mercedes со приклучен хибриден погон и чисто електричен погон се продадени лани ширум светот, со што уделот на овие видови погон во продажбата на марката се зголеми на 7,4 проценти. Рекорд во Кина, за новата S-Class веќе има над 40.000 нарачки.
Трикратно зголемување на продажбата на патнички автомобили со приклучен хибриден погон и со електричен погон од Mercedes-Benz Cars во минатата година. Само во последното тромесечје се продале 87.000 примероци, од вкупно над 160.000 возила за цела година. Според процените во компанијата, емисијата на СО2 од вкупно продадените возила лани е под строгите лимити на ЕУ, со што се избегнуваат милионски казни.
Уделот на приклучни хибриди и електрични возила во 2019 година изнесуваше само 2%, додека за лани тој се зголемил на дури 7,4 проценти. Доколку се гледаат само продажбите на приклучни хибриди, таа се зголемила четирикратно, на повеќе од 115.000 возила. Во светот лани биле испорачани дури 20.000 примероци од електричниот СУВ-модел EQC. Солидно се продава и ванот EQV со погон на струја, со 1.700 испораки. Smart веќе извесно време нуди само возила со електричен погон, лани нивната продажба достигнала 27.000 примероци. Тоа е нов рекорд наспроти преклани и раст од 45,6 проценти.
Во 2021 година претстои забрзано воведување на модели со електричен погон. Со EQA, EQB, EQE и EQS се очекуваат четири нови модели под специјализираната електро-марка Mercedes-EQ. Во семејството модели со приклучен хибриден погон, коешто моментно опфаќа над 20 моделски изведби, ќе се придружат нови варијанти на C-Class и S-Class. За целата година, Mercedes-Benz Cars очекува уделот на приклучни хибриди и електрични возила (xEV) да се зголеми на 13 проценти.
И покрај големите предизвици поради пандемијата, Mercedes-Benz веќе петта година во низа испорачува над 2 милиони возила. Дел од успехот се должи на напредната дигитализација во продажбата и сервисирањето, што овозможува брзо да се реагира на новите ситуации и пазарни услови.
Со испорачани 2.164.187 возила, Mercedes-Benz ја задржа водечката позиција во премиум сегментот
S-Class и лани беше најпродавана луиксузна лимузина во светот со 60.000 примероци ( 17,2%). Новата генерација што стартуваше во септември, наидува на одличен прием. Веќе има над 40.000 нарачки за моделот. Новиот S-Class стартуваше подобро отколку моделот во претходната генерација.
Од моделите од компакт класата (A-Class, A-Class Limousine, B-Class, CLA Coupé, CLA Shooting Brake, GLA и GLB) се испорачани 691.000 возила ширум светот (+3,6%). Продажбата на СУВ-модели (GLA, GLB, GLC, GLC Coupé, EQC, GLE, GLE Coupé, GLS и G-Class) достигна 885.000 возила (+12,9%). Најголем раст во пазарниот интерес постои за GLE (+32,3%) и за GLS (+21,1%). Најпродаван модел на Mercedes-Benz е GLC со 320.000 примероци.

Спортската марка Mercedes-AMG продала 125.129 возила (-5,3%). Во САД е постигнат нов рекорд и раст од 1,5 пр5оцент. Истото важи и за Кина, каде што се продадени повеќе AMG-модели од кога било досега (+32,3%). САД, Германија, Кина, Јапонија и Австралија се најголеми пазари за AMG.
Mercedes-Benz Vans ја заврши годината со 103.892 примероци од Sprinter, Vito, Vito Tourer и Citan продадени само во последното тромесечје. Вкупно лани се продале 325.771 примероци од моделите од доставната програма на Mercedes, што е за 8,9% под нивото од 2019 година. Со достапноста на eVito на повеќе пазари и со стартот на eSprinter, продажбата на електричните модели се зголемила трикратно, на близу 6.200 примероци. Mercedes е лидер во Европа во поглед на електричните доставни возила, со удел од една третина.
Продажбата на Mercedes-Benz Cars & Vans лани
2020 | Тренд во % | |
Mercedes-Benz | 2.164.187 | -7,5 |
smart | 38.391 | -67,1 |
Mercedes-Benz Cars | 2.202.578 | -10,3 |
Mercedes-Benz Vans (стопански возила) | 325.771 | -8,9 |
Mercedes-Benz Cars & Vans | 2.528.349 | /// |
Mercedes-Benz по региони |
||
Европа |
784.183 | -16,4 |
– Германија | 286.108 | -10,1 |
Азија / Пацифик | 1.024.315 | +4,7 |
– Кина | 774.382 | +11,7 |
Северна Америка |
317.592 | -14,7 |
– САД | 274.916 | -13,0 |