Новиот модел на Suzuki ги поместува сите досегашни стандарди на јапонската марка. Across е најголем, најмоќен, најскап, најштедлив, а може да вози и на струја.
Новите информации за Suzuki Actross пристигаат од германскиот пазар, кој е меѓу првите што го добиваат големиот СУВ со големо S напред. Моделот што е меѓу најраните плодови од сорасботката со Toyota и се базира врз RAV4 – конкретно врз новата изведба на СУВ-бестселерот на Toyota со приклучен хибриден погон – на германскиот пазар стартува од 56.810 евра. На тоа следат уште 5.625 евра субвенција, што го става Across во конкуренција со СУВ-моделите во класата со обичен дизел мотор.
Во почетокот од продажбата, знаменосецот во понудата на Suzuki ќе биде достапен само во високото ниво на опрема Comfort+. Тоа што го прави Across посебен, сепак не е опременоста, туку погонската технологија. Големиот семеен СУВ располага со по еден електромотор на секоја оска, но за разлика од класичната верзија на RAV4 со хибриден погон, поседува и голема литиум-јон батерија што дозволува до 75 километри возење чисто на струја, пред да се вклучи 2,5-литарскиот бензинец.
Across не пропушта со изгледот да нагласи дека станува збор за престижен и моќен автомобил. Тркалата од 19 инчи се полирани, назад има двојна издувна цевка и голем кровен спојлер. Собореното и долгото светло работат со диодна техника. Металик лакот за каросеријата е гратис.
Просторноста во кабината нуди комотен престој, а за пријатното чувство се грижат уште двозонската автоматска клима, грејачите во предните и задните седишта, и грејач во воланот. Во средината на арматурната табла се наоѓа дисплеј од 9 инчи за пристап до сите функции на возилото. Поврзувањето со телефон е беспрекорно благодарение на Apple CarPlay и Android Auto.
Системска моќност од 306 КС во комбинација со можност 75 километри да се минат чисто на струја
Со приклучниот хибриден погон, Suzuki Across постигнува емисија на СО2 од само 22 грами на километар, според посебниот начин на мерење за хибридни модели. На предната оска работи електромотор со моќност од 134 kW, односно 182 КС и вртежен момент од 270 Nm. Тој се напојува со енергија од литиум-јон батерија со капацитет од 18,1 kWh, што е вградена во подот. При возење само на струја, Suzuki може да мине до 75 km со енергијата во батеријата.
Бензинскиот мотор, исто како и сите погонски компоненти, потекнуваат од Toyota RAV4 PHV. Тоа значи дека станува збор за 2,5-литарски четирицилиндарец со 185 КС, кој работи во штедлив еткинсонов циклус.
Возачот може да избира меѓу неколку режими на возење. Во електричен режим, погонот доаѓа само од електромоторот, вклучувајќи и полно забрзување. Во режимот Auto-EV/Hybrid, бензинскиот мотор се активира зависно од оптоварувањето. Третиот режим е наменет за полнење на батеријата, односно бензинецот во тој случај работи како генератор и произведува електрична енергија што се складира во големата батерија во подот.
Погонот на сите тркала E-Four вклучува и електромотор со моќност од 40 kW, односно 55 КС, за задната оска. Во зависност од условите на возење, распределбата на системскиот вртежен момент меѓу двете оски се врши во сооднос во дијапазон меѓу 100:0 и 20:80 проценти. погонскиот систем E-Four ја подобрува стабилноста при поаѓање на снег и на лизгава подлога, но влијае позитивно и врз возната динамика, особено во брзи свијоци.
Интелигентната контрола на погонот, освен врз распределбата на вртежниот момент меѓу двете оски, влијае и врз реакцијата на педалата за гас, контролата на менувачот и сервоуправувањето, зависно од условите на возење.
Во режимот Trail на погонот на сите тркала, кој исто така е познат од RAV4, погонот „добива“ автоматска блокада на диференцијал, со цел да се обезбеди тракција и стабилност на лизгав пат. Во случај кога ќе се појави пролизгување, системот ги потсопира тркалата што пролизгуваат и го пренесува вртежниот момент на тркалата што имаат подобра тракција во моментот. Покрај тоа, Trail влијае и врз контролата на моторот и менувачот, за возилото да го задржи залетот.
Across во улога на знаменосец на Suzuki им додава на имиџот на моделите од класичната понуда на марката
Suzuki Across стандардно доаѓа со богат пакет од безбедносни системи. При прегазување лента, управувањето самостојно го враќа возилото, радарски темпомат подзабавува кога има побавно возило напред, додека систем од радар и камера ги следи возилата, пешаците и велосипедистите и самостојно го запира возилото при опасност од судир. Камера за знаци и помош при излегување наназад од паркинг исто така се стандард.
Бидејќи станува збор за возило што може да се движи и само на струја, а тоа значи нечујно, Across според законските барања поседува генератор на звук што на пешаците им укажува дека има електрично возило во близина.
Според најавите од македонскиот увозник на Suzuki, моделот ќе се нуди и на нашиот пазар.