Името Great Wall Motors го привлече вниманието на македонската сцена со новиот Haval H6. Вестите не запираат. За една година од стартот, фабриката во Чунцин веќе брои 100К произведени примероци од новиот пикап Poer. Пикапите всушност го изградија имиџот на кинескиот концерн.
Кинезите практикуваат големи и чести прослави, тоа носи добар „чи“, добра енергија. Но, за прославите мора прво да се сработи. Неделава во фабриката на концернот Great Wall Motors во Чунцин, во којашто се произведуваат пикапите од марката GWM Pickup, се прославуваше 100-илјадитиот примерок од новата генерација на пикапот Poer. Оваа убава бројка се совпадна и со годишнината од отворањето на фабриката.
Рекордите им се програмирани во работата на Кинезите. Фабриката за производство на GWM Poer беше завршена за 14 месеци. Првите 10.000 примероци од пикапот беа произведени за помалку од 100 денови, а сега и 100.000 примероци се прозведени за една година. Тоа е рекорд во сегментот на имиџ-пикапите, но и рекорд општо во браншата.
https://photos.app.goo.gl/3Rcn9CrguLKXcUQ39
Фабриката во Чунцин е петта фабрика на концернот во којашто се вршат сите фази од производството на возила. Таа има стратешка важност со местоположбата, како клучна точка на „Belt and Road“ и економскиот појас долж реката Јангце. Од фабриката едноставно се покрива целиот регион на Југоисточна Азија, а има и одлични железнички врски што водат до Европа.
Името Poer е избрано да асоцира на англискиот збор за моќ, но и на класичниот лик Пао од кинеската традиција. При изработката на пикапот се вложува многу внимание во квалитетот. Концернот има за цел со квалитетната изработка и високата спецификација да привлече купувачи што досега ја прескокнуваа оваа опција.
Од секои два продадени пикапи во Кина, еден е Great Wall Pickup
Продажбата на автомобили во Кина годинава се намали за 12,5 проценти, за целиот период до крајот на септември. Во тешки пазарни услови, пикапите сепак напредуваа. Во минатиот месец на големиот пазар биле пласирани 341.362 пикапи, што во годишна споредба е раст од 6,3 проценти. Во оваа бројка, само марката Great Wall Pickup учествува со 160.351 возило, што претставува раст од 63 проценти. концернот GWM покрива дури половина од кинескиот пазар на пикапи.
https://photos.app.goo.gl/g8zuV8T8eFUyBs6D9
Great Wall Pickup е лидер на пазарот на пикапи во Кина веќе 22 години во низа. Лидерството се искачи на ново скалило, откако Poer достигна годишна продукција од 100.000 примероци, бројка што досега не е постигната во сегментот.
Кинескиот концерн нуди три варијанти од Poer – патничка, комерцијална и теренска изведба. GWM е мошне активен во промовирањето на пикапот од новата генерација. Нивниот Poer меѓу другото учествуваше во логистиката на последното мерење на висината на Монт Еверест, потоа на локален шампионат во лов, на културни фестивали, на велосипедски трки и на екстремната крос-кантри трка по Хималаите.
>>> Новиот пикап на Great Wall станува светски модел

















