за

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина

Шпански автомобилски новинар беше во неколкудневна посета на Шангај, во рамките на презентацијата за новите системи за автономно возење на Мерцедес. Себастиан Алваро Родригез од магазинот Тиемпо пишува за патешествието при стекнувањето возачка дозвола и за авантурата по улиците на кинеската метропола

Текстот на Родригез го објавуваме во неговата интегрална форма, за илустрирање се користени фотографии на Мерцедес

Гостите од Западна Европа, кои сакаат да возат автомобил во Кина, мора да поседуваат специјална возачка дозвола. Возењето не е лесно, иако Кинезите строго ги почитуваат сообраќајните правила. Постојат други причини за тоа

Долу има еден тунел, а над него гледам еден мост што како спирала се извива кон небото. Се возам со 30 km/h на задното седиште во еден минибус среде Шангај. Низ прозорецот гледам уште пет ленти. Како некој широк асфалтен тепих, сите тие водат во иста насока. Тешко ми е да замислам дека во следните денови сам ќе возам автомобил во овој лавиринт од стокатници, градилишта и железни табли.

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина 7

Уште сум на пат кон местото кадешто се издаваат возачки дозволи. Тоа е едно затурено биро во северозападниот дел од градот. Кина пред само неколку години дозволи странци да добиваат привремена возачка дозвола. Објектот личи како голема касарна. Трпеливо застанувам во редицата за чекање. Конечно почнува да се движи. Во рака држам пропусница за сите станици кои треба да се поминат. Прво ми изработуваат нови фотографии, затоа што европските слики се преголеми за неколку милиметри. Возачката дозвола ми ја преведуваат на кинески.

„Во долгите ходници чекаат голем број останати пациенти, пардон, кандидати за возачка дозвола“

Една повозрасна дама, на англиски со погрешен акцент нé упатува на лекарски преглед. Во еден кабинет треба да изведам неколку вежби. Чувството е како на систематски преглед. Во соседната просторија следи тестирање на слухот, а во третата просторија се прави ЕКГ. Шетам низ долгите ходници во коишто чекаат другите пациенти, пардон, кандидати за возачка дозвола.

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина 8

На тестирањето на видот, службеничката ми држи лажица прво пред десното, а потоа и пред левото око. На тој начин се проверува острината на видот и разликувањето бои. Добивам впечаток дека секој го минува тестот. Без разлика што ќе одговорам, службеничката секогаш го подига палецот. По секое тестирање добивам по неколку листови хартија и по уште еден печат на мојата пропусница. Патешествието трае околу два часа и завршува пред еден застаклен шалтер. Мрзоволниот службеник без збор ми ги зема листовите од рака и ме упатува во една чекална.

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина 6

Таму вртат видеа за сообраќајно образование. По петтото повторување, конечно се појавува еден службеник и мафта со лошо пластифицирана исправа. Документот од 50 евра изгледа евтино, но тој ми овозможува да возам по кинеските патишта. Авантурата наречена автомобил може да започне. Mercedes C-Class кој е издолжен на 4,78 метри, на шангајските улици изгледа како автомобил за возачки почетници. Уличната слика ја сочинуваат луксузни лимузини и суперспортски автомобили.

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина 5

Се обидувам да се снајдам во сплетот од надвозници и тунели. Обидот да се престојам в лево прераснува во тест на храброст. Меѓу C-Class и излезот има осум ленти и треба сите да ги преминам. Вклучувам трепкачи и сите го почитуваат тоа. Никој не се буни, зачудувачки е колку Кинезите ги почитуваат правилата. Но, заслугата за тоа е во строгиот електронски надзор. Сепак е тешко да се вози по кинеските улици.

Проблемот со сообраќајот по улиците на Шангај не е во големиот број возила или во некултурата на возачите

Причината за тоа не е огромниот број автомобили, густиот сообраќај или мешаницата од најразлични категории на возила. Навигацијата исто така не претставува проблем. Со апликација за паметен телефон се надминуваат сите јазични бариери.

Иако строго ги почитуваат правилата, стилот на возење на Кинезите е непредвидлив. Причината за тоа е недоволното возачко искуство и воопшто слабото познавање на автомобилите. За разлика од Европејците, кои уште од детски нозе живеат со автомобилите, тој феномен во Кина почна да се случува пред само 30 години. До 1980-те години, автомобилите во големата земја беа речиси исклучиво во државна сопственост. Само најбогатите можеа да си дозволат автомобил.

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина 3

Не само возачите, туку и останатите учесници во сообраќајот уште се немаат соживеано со автомобилите. Згора на сé, по улиците на милионскиот град врват илјадници електрични скутери. За разлика од возачите на автомобил, тие не се придржуваат строго кон сообраќајните правила. Безобѕирните јавачи стануваат непресметлив ризик за возачите на автомобили. Честопати се случува тие да се појават возејќи во спротивна насока по пат со три ленти. Поради тоа што батериите уште не се толку напреднати, веќе само по себе се разбира дека скутерџиите претежно возат без светло.

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина 2

Задоцнетиот почеток на масовната моторизација и исклучителниот економски напредок на земјата имаа влијание и врз купувачката структура. Клиентите обично се 15 до 20 години помлади отколку во остатокот од светот. Младите излегуваат од салон со S-Class. Притоа, меѓу генерациите на нивните родители, реткост е некој да поседува возачка дозвола.

Младите излегуваат од салон со Mercedes S-Class, како нивен прв автомобил во животот

Кинезите не само што се помлади, туку се и ненаситни за нови автомобили. Додека пазарите во Европа или САД веќе одамна се заситени со над 600 или 700 возила на секои илјада жители, во Кина само 70 од секои илјада жители поседуваат сопствен автомобил. Во изминатите десет години, речиси 70% од локалната продажба на престижните европски марки отпаѓа на купувачи што првпат во животот купуваат автомобил. Во остатокот од светот, тоа е случај со пет до 10 проценти од купувачите. Кај Mercedes, на пример, еден од секои четири купувачи на S-Class првпат седнува зад воланот на сопствен автомобил.

Како еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина 1

Затоа не зачудува тоа што Кина уште одамна стана најважен единечен пазар за речиси сите производители. Но, поради бурниот развој и проблемот со загаденоста на воздухот во метрополите, владата строго ја контролира потрошувачката на гориво и ја поттикнува продажбата на електрични возила. Без законите, земјата уште одамна ќе се задушеше од сообраќајот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes E-Vario

Mercedes да е, на струја да вози

volkswagen tiguan servisen povik

Volkswagen повикува 700.000 возила во сервис поради опасност од краток спој