Mercedes да е, на струја да вози

Mercedes E-Vario

Тука веќе може да се зборува за тренд. Компании што се директно присутни во јавноста го користат електричниот погон да привлечат внимание и да го рекламираат својот бизнис

Хотели, поштенски служби, занаетчии, секаков вид на дејности коишто доаѓаат директно до потрошувачите, во последните неколку години го користат добриот имиџ на електричниот погон и преку него си го промовираат бизнисот.

Ефектот е уште посилен доколку електричниот погон се примени на старо возило, коешто со децении било дел од уличната слика и коешто јавноста повеќе го помни по нечистиот издув. Убава идеја пристига од Германија. Службата за достава Hellmann, половина година ќе тестира Mercedes-Benz Vario со електричен погон, Mercedes E-Vario.

Mercedes E-Vario вози до 100 километри натоварен со три тони

Батеријата и електромоторот му даваат нов, втор живот на доставното возило што досега има одработено и повеќе од доволно. Носталгичарите нека не се вознемируваат: Vario одамна не се произведува. Преправката е извршена со електрична погонска оска од фирмата BPW. Електричниот Vario поседува два асинхрони електромотори кои се интегрирани во оската, со моќност од околу 200 КС. При носивост од три тони, со батеријата со капацитет од 80 киловатчасови може да се извозат најмногу 100 километри.

Mercedes E-Vario ќе се тестира во три германски градови
Mercedes E-Vario

Овој E-Vario што е специјално преработен за потребите на гигантот во логистичката бранша Hellmann, ќе минува по два месеци во служба во подрачјата на германските градови Лерте, Оснабрик и Билефелд.
Компанијата BPW најавува дека кон крајот на годината ќе стартува со нарачки за клиенти што ќе побараат преправка на класичарот Vario во Mercedes E-Vario.

За македонската сцена на електромобилноста, врвна стручност постои без било какво двоумење, единственото што недостига да ги ангажира нашите електромобилисти се спонзори и компании кои ќе го препознаат „маркетиншкиот“ потенцијал на погонот на струја и во своите возни паркови ќе воведат Е-имиџ.

Претходна објаваХотели го користат „електричниот“ имиџ на BMW i3 за привлекување гости
Следна објаваКако еден странец стекнуваше возачка дозвола во Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here