Производителите на најголемиот автомобилски пазар во светот добија новогодишна честитка од кинеската влада. Моделите што трошат повеќе гориво од пропишаното повеќе не смеат да се произведуваат во Кина. Погодени се дури 553 модели.
Автомобилската индустрија веднаш по влезот во новата година се соочи со одлучноста на кинеската влада во заштитата на животната средина. Пекинг состави список од 553 модели коишто повеќе не смее да се произведуваат, затоа што потрошувачката на гориво е над тоа што го имаат пропишано властите.
На списокот се наоѓаат и модели од марките на големите производители, меѓу другото Audi, Mercedes и Chevrolet. Драстичната мерка сепак нема да ги погоди овие производители, затоа што наведените модели не се произведуваат веќе извесно време. Најголемиот дел од моделите што се забрануваат потекнуваат од локалните фабрики на PSA Peugeot Citroen, Dongfeng и Chery.
Кина применува радикални мерки со цел да ја заштити животната средина од загадување
„Забранетата листа“ опфаќа само мал дел од автомобилите што се произведуваат во Кина. Големите концерни сепак се загрижени поради растечкиот притисок од Пекинг, којшто има за цел да ја ограничи емисијата на штетни материи од автомобилите.
Големата азиска земја веќе постигнува напредок во борбата против климатските примени и загаденоста на воздухот во урбаните средини. Народната република вложува многу во електричните автомобили, што најмногу им оди во корист на домашните производители. Неодамна владата ги продолжи високите субвенции за возила со ниска или нулта емисија на штетни материи за уште три години.
Пекинг претходно се конфронтираше со странските производители со намерата за воведување квота за електрични автомобили. Индустријата ќе има обврска електричните автомобили да учествуваат со одреден дел во вкупното производство. Кина наскоро ќе го посочи и датумот кога ќе стартува забраната за регистрирање нови возила со мотор со внатрешно согорување. Неколку држави веќе презедоа такви чекори.
















