
Во поширокиот регион на Европа, вклучувајќи ја Турција и евроазиските земји, продажбата лани опадна за 8,5 проценти, со 2.576.000 возила. Нето прометот изнесуваше 59 милијарди евра, за 11 проценти помалку во споредба со 2023 година.
Чистата оперативната добивка се смали за 62 проценти, на 2,4 милијарди евра. Во втората половина од минатата година, таа изнесуваше само 359 милиони евра. Маржата се смали од 9,8 проценти на 4,1 проценти, а потоа на само 1,2 процент во второто полугодие.
Вкупната оперативна маржа на Стелантис изнесуваше само 5,5 проценти, додека една година пред тоа, маржата достигна дури 12,8 проценти. Прометот се смали за 17 проценти, чистата добивка за 70 проценти. Продажбата во светот опадна за 12 проценти.
„Мораме нашата компанија да ја вратиме на профитабилен раст,“ изјави Елкан пред инвеститорите, при објавувањето на финансиските резултати на производителот на автомобили за 2024 година, на 26-ти февруари.
Во прогнозите на Елкан и Остерман за 2025 година, Стелантис во првата половина ќе извлече „ниска едноцифрена вредност“ на оперативната маржа, за во втората половина да фати залет за идниот извршен директор.
Во Европа, залет ќе донесат новите модели, како градскиот СУВ-модел Ситроен Ц3 Еркрос што е конструиран врз платформата Смарт Кар, наменета за најдостапните модели во понудата на концернот, како и неговите два сестрински модели, Фиат Гранде Панда и Опел Фронтера. Сите три модели располагаат со погонска понуда што вклучува целосно електричен погон, благ хибриден погон и класичен бензинец без електрификација. Тоа е во согласност со стратегијата на Стелантис, да им се нудат повеќе видови погони на купувачите.
Друг модел што ќе има носечка улога во јакнењето на концернот е компактниот СУВ-модел Ц5 Еркрос, конструиран врз платформата СТЛА Медиум, којшто конкурира во еден од најголемите и најпрофитбилни сегменти на европскиот пазар. Тој веројатно ќе се нуди и во изведба со приклучен хибриден погон.
Уште два нови модели врз платформата СТЛА Медиум се новиот знаменосец на ДС Аутомобил, со ознака Но.8, како и новата генерација на Џип Компас.
Годинава почна бавно за Стелантис на европскиот пазар, односно во ЕУ, во Обединетото Кралство и ЕМЕА (Норвешка, Швајцарија и др). Продажбата е намалена за 16 проценти во споредба со лани, според првичните податоци од АЦЕА, европското здружение на производители на автомобили. Целиот пазар е 2 проценти во минус. Пазарниот удел на концернот изнесува 15,5 проценти, наспроти 18 проценти во јануари лани.
„Невообичаената пауза во продукцијата“ скуси 100.000 продажби
Значаен удел од падот во продажбата на Стелантис во Европа во минатата година се должеше на задоцнетиот старт на клучните нови модели, посебно на Ситроен Ц3 и Ц3 Еркрос, како и Фиат 500, најпродаван модел во својот сегмент, иако датира од средината на 2000-те.
„Имавме невообичаена пауза во продукцијата на нашите модели од А и Б сегментите, што ја скуси продажбата во втората половина од годината за повеќе од 100.000 возила,“ изјави Остерман пред инсвеститорите.

Менаџментот реши да не го приспособува Фиат 500 според новите барања за кибербезбедност на ЕУ, што стапија во сила на 1-ви јули 2024 година. Поради тоа, престана неговото производство. Продажбата на моделот лани достигна 62.000 примероци, наспроти 104.000 примероци во 2023 година.
Стелантис дури отпосле реши да го модифицира новиот 500, којшто се произведува само во целосно електрична изведба, и од него да изведе варијанта со благ хибриден погон. Новата варијанта на 500 со овој погон ќе се појави на пазарот доцна годинава или во почетокот на следната година. Стелантис поради тоа може да пропушти дури 150.000 продажби од бензинскиот Фиат 500. Тој заостаток веројатно ќе го пополни новата и поголема Гранде Панда.
Ситроен Ц5 Еркрос исто така може да донесе голем залет со преоѓањето во новата генерација. Продажбата на првиот модел врз платформата СТЛА Медиум, на компактниот СУВ-модел Пежо 3008, во јануари достигна 11.447 примероци, што е за дури 36 проценти повеќе во споредба со продажбата на претходничката во истиот месец лани.
Придонес во растот на продажбата се очекува и од најновата марка под покривот на Стелантис, кинеската марка Липмотор. Јануарската продажба достигна само 837 примероци, главно од електричното мини Т03, меѓутоа надежите за повисока продажба се насочени кон СУВ-моделот од средна класа Ц10, со електричен погон со помошен генератор, и од компактниот СУВ-модел Б10
Остерман кажа дека финансиските ефекти од пристигањето на новите модели може да се очекуваат дури во втората половина од годината. Новите модели врз платформата Смарт Кар штотуку влегуваат во производство, додека моделите врз платформата СТЛА Медиум ќе се појават во втората половина од годината.















