Откажувањето на плановите за електрични возила го чинеше Стелантис 22 милијарди евра, последица од политиката на Трамп

Концернот Стелантис загуби 22 милијарди евра откако прејде на поскромни планови за развој на електрични модели и ги смени насоките за иднината. Загубата главно потекнува од САД.

Стелантис ги врати моторите Ве-8 во пикапот РАМ 1500, откажан е електричниот модел

Со отпишувањето на трошоците за развој на електрични модели, концернот предвидува дека за второто полугодие од 2025 година ќе излезе загуба во висина меѓу 19 и 21 милијарди евра, а годинава нема да се исплаќа и дивидентата, соопшти производителот на 6-ти февруари.

Компанијата „презеде бројни одлуки што се неопходни за менување на правецот, посебно во поглед на ускладувањето на нашите планови за модели, со пазарната побарувачка“, се наведува во соопштението од производителот.

Извршниот директор Антонио Филоса ќе го објави новиот стратешки план на 21-ви мај. Филоса, кој во јуни 2025 година ја презеде директорската функција, врши реорганизација на производителот на автомобили со свои 14 марки, со цел да го врати уделот на пазарот, додека во исто време ги ублажува амбициите за електрични возила и вложува напори да го смали влијанието на царините во САД.

Промените „во најголем дел ги прикажуваат трошоците од преценетата брзина на енергетскта транзиција,“ порача Филоса во соопштението. Тие ги покажуваат „последиците од слабото оперативно извршување во минатото, коишто нашиот тим ги отстранува прогресивно.“

Стелантис откажа неколку целосно електрични модели, вклучувајќи го пикапот РАМ 1500 за пазарот во САД, а исто така се одложени плановите за нови електрични модели на Алфа Ромео во Европа.

Отпишувањето на трошоците во Стелантис, коишто вклучуваат исплата на готовина во висина од 6,5 милијарди евра, следи по сличните чекори што беа преземени во Форд, Џенерал Моторс и други производители.

Во посебно соопштение од 6-ти февруари, Стелантис објави дека го откажува заедничкиот проект со јужнокорејскиот производител ЛГ Енерџи Солушн во Канада. Стелантис во 2022 година соопшти дека заедно со ЛГ ќе вложи преку 5 милијарди канадски долари, за изградба на првата фабрика за масовно производство на батерии за електрични автомобили во Виндзор, Онтарио.

Акциите на Стелантис паднаа 14 проценти на миланската берза, што е над предвидувањата на аналитиачрите. Вредноста на акциите падна за преку 40 проценти во минатата година.

Стелантис ги врати моторите Хеми во пикапите на РАМ во САД

Испораките на возила во четвртиот квартал пораснаа 9 проценти, главно поради зголемената продажба во САД, посебно за пикапите Рам Хеми и освеженото моделско годиште на Џип Гранд Чероки.

Испораките во Европа опаднаа 4 проценти, со смалена продажба кај Пежо и кај доставните возила.

Стелантис го следи чекорот на Форд и Џенерал Моторс

Компанијата не е единствена што отпишува трошоци поради тоа што побарувачката за ЕВ е под очекувањата. Форд во декември соопшти дека ќе отпише 19,5 милијарди долари, поради промените во бизнисот со ЕВ. Овој чекор во Џенерал Моторс чинеше 7,6 милијарди долари. Порше лани четирипати ги менуваше прогнозите и веројатно ќе откаже неколку идни електрични модели.

Стелантис проценува дека загубата во второто полугодие од 2025 ќе достигне 21 милијарди евра. За 2026 година, се предвидува ниска оперативна маржа во едноцифрено подрачје, со вклучени трошоци за царините во САД во висина од 1,6 милијарда евра. Компанијата планира да издаде обврници во висина од 5 милијарди евра, за да го подобри билансот.

Стелантис се бори да го врати уделот што го изгуби на пазарот, во времето на поранешниот извршен директор Карлос Тавареш, откако купувачите се откажаа поради поскапувањата на моделите, недостигот од модели и пропустите во квалитетот. Тавареш сакаше да продава во Европа само електрични возила во 2030 година, односно тие да учествуваат со 50% во продажбата во САД.

Како дел од реорганизацијата, Филоса најави инвестиции во висина од 13 милијарди долари во САД, од каде што доаѓа најголемиот профит. Компанијата ги врати моторите Ве-8 и ги одложи плановите за ЕВ. Стелантис соопшти дека ќе вработи уште 2.000 инженери во САД.

Шефот ги откажа и плановите за водородни возила и ги скусува цените на возилата, за да си го врати пазарниот удел.
Извештајот за работењето во цела 2025 година ќе биде објавен на 26-ти февруари.

Претходна објаваФолксваген и Стелантис бараат ЕУ повеќе да се заложи за автомобилската индустрија
Следна објаваКолку чинат најскапите опции кај новата Мерцедес-Бенц С-Класа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here