за

Шпанија со европски фондови поттикнува производство на електрични автомобили

Шпанската влада ќе понуди повеќе пари од европските фондови, за инвеститорите во нови фабрики за електрични автомобили да добијат повисоки субвенции.

Откако германскиот производител Volkswagen најави дека ќе ги преиспита своите планови за земјата, Шпанија објави ќе издвои поголема сума од европските фондови, за инвеститорите да се одоброволат за вложување во фабрики за електрични автомобили и батерии за нив.

Министерството за индустрија на Шпанија објави дека годинава ќе ги зголеми субвенциите што ќе се распределат преку таканаречената шема Perte, односно со користење на фондовите на ЕУ за справување со последиците од кризата од пандемијата. Од првично планираните 600 милиони евра, фондот за субвенции ќе биде зголемен на 877 милиони евра.

Шпанскaта министерка за индустрија Рехес Марото, коментира: „Во моментов сите проекти имаат гаранции, дека ќе се реализираат соодветно на потребите коишто ги наведуваат компаниите“. Од министерството додадоа дека во текот на следната недела ќе се одреди висината на сумата што ќе ја добијат Volkswagen и останатите компании.

Групацијата Volkswagen, нејзината шпанска марка Seat и уште 60 компании сакаат да искористат 10 милијарди евра за производство на електрични автомобили и компоненти за нив во Шпанија. Планот е земјата да прерасне во центар за електрични автомобили на Европа, каде што ќе се произведуваат и автомобили и батерии.

Volkswagen планира во Шпанија да произведува цела серија од модели со електричен погон од пониските класи, од марките Volkswagen, Skoda и Cupra. Исто е во план и отворање фабрика за батерии во близина на Валенсија.

Останатите проекти што се надеваат дека ќе добијат средства од европските фондови се поврзани главно со развој и производство на батерии.

Од германскиот концерн одбиваат да дадат коментар за објавите, во коишто се наведува дека производителот на автомобили ќе добие помала сума од потребната, што ќе оневозможи Volkswagen да напредува со инвестицијата во земјата.

Неколку шпански медиуми објавија дека Volkswagen вршел притисок врз владата, за итно да се објави планот за распределување на средствата од европските фондови, заканувајќи се дека ќе се откаже од своите планови за изградба на фабрика, доколку сумата биде прениска

На Seat му беа доделени 167 милиони евра во првичните резултати од програмата Perte, што беа објавени на 1-ви август.

Шпанскиот премиер Педро Санчез оптимистички порачува дека „ќе продолжиме да работиме со групацијата VW-Seat и со останатите производители во Шпанија, со цел да прераснеме во глобален центар за електрични автомобили, вклучувајќи батерии.“

Volkswagen Group вложува 10 млрд. € за Шпанија да стане центар на електромобилноста

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo Tonale им е најубава на читателите на auto motor und sport

Mercedes потпиша договор за литиум вреден 1.5 милијарда евра