Sony продолжува со развојот на својот прототип на електричен автомобил што ќе биде поврзан со супербрзата мрежа за пренос на податоци 5G.
Автомобилот на Sony располага со врска со мрежата 5G и одржува постојана врска меѓу системите во возилото и податочниот облак. Тоа овозможува постојано да се синхронизираат податоците и контролните сигнали, а овозможува и системите да добиваат нов софтвер по пат на OTA (Over The Air). Гигантот во електрониката соработува со мобилниот оператор Vodafone на патека за тестирање во близина на германскиот град Ахен. Целта е да се обезбеди стабилна врска со мобилната мрежа и при возење со висока брзина.
Sony го претстави прототипот под името Vision-S во почетокот на минатата година, на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас. Јапонскиот електронски концерн тогаш го остави отворено прашањето дали возилото ќе влезе во сериско производство. Продолжувањето со работата на возилото сепак укажува на тоа дека електричниот автомобил на Sony може да стане реалност.
Додека Sony прв од електронските концерни прикажа проект на автомобил пред јавноста, веќе со години кружат гласини за плановите на Apple да стартува со продажба на сопствен електричен автомобил. Моментно се знае единствено дека концернот на iPhone тестира технологија за автономно возење.