за

Автомобилот на Sony е реалност и се тестира во Австрија

Електричниот автомобил на Sony беше прикажан како концепт лани на саемот за електроника во Лас Вегас и многумина веруваа дека ќе остане само на тоа.

Една година по веста што лани во јануари одекна како сензација од саемот ЦЕС во Лас Вегас, следи уште поголема сензација. Тогаш веста беше дека гигантот Sony претставил електричен авотмобил, а веста сега е дека Sony веќе е излезен со автомобилот во јавност и моментно се тестира во Австрија, со регистерски таблици што гласат на Грац.

Sony Vision-S требаше да остане само во форма на концептен автомобил. Така барем се надеваа големиот број стартап-компании што очекуваат влез во автомобилската индустрија. Меѓутоа, овој автомобил не зависи од финансирањето од друга компанија. Sony треба само да реши, а како што се покажува деновиве, веќе е решено.

Големата електрична лимузина со по еден електромотор од 200 kW на секоја оска, моментно се тестира во регионот околу Грац, во Австрија, со обични регистерски таблици и камуфлажна шара на каросеријата.

Автомобилот на Sony е долг 4.895, широк 1.900 и висок 1.450 милиметри, меѓусокиното растојание изнесува точно три метри. Vision-S тежи 2.350 килограми и со своите 544 КС и погон на сите тркала спринтува до темпо сто за 4,8 секунди. Крајната брзина што ја дозволува електронскиот гитант изнесува 240 km/h. Останатите детали се пневматска амортизација, две триаголни водилки на двете оски и тркала со димензија 245/40 ZR21 напред и 275/35 ZR21 назад.

Тоа се веќе многу конкретни податоци. Лани при премиерата, Sony за автомобилот комуницираше информации какви што се вообичаени за производител на електроника: 33 сензори, технологии CMOS, ToF, камери и ласери за автономно возење. Бројот на сензори што го надгледуваат возењето во меѓувреме порасна на 40. Конретно во возилото се вградени 18 камери, 18 радари и ултразвучни сензори и 4 лидари, кои се комбинација од ласер и радар.

Електричниот крстосувач е дел и од актуелното дигитално издание на саемот CES. Новите информации од Sony околу возилото: Камерите го препознаваат возачот и соодветно ги местат седиштето, ретровизорите, светлата, климатизацијата, па дури и приказот во дигиталните инструменти. Клучната информација што ги исклучува сомнежите дека Sony навистина планира да го понуди овој автомобил во продажба: Компанијата најави дека Vision-S ќе се тестира во уште голем број региони ширум светот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

2021 - Dacia Bigster Concept - Renault 5 Prototype - Mobilize EZ-1 Prototype - A521 - „Ренолуцијата“ става нагласок на електричен погон и на Megane

„Ренолуцијата“ става нагласок на електричен погон и на Megane

volkswagen polo моделско освежување 2021

Volkswagen Polo пред моделско освежување, станува мини-голф