Трката за поголеми бројки на произведени возила повеќе не е примарна за групацијата Renault, шефот Лука де Мео ќе притиска на противвредноста што купувачите ќе ја добиваат од возилата од четирите марки на компанијата.
Планот наречен „Renaulution“, како асоцијација на револуција, од денес почнува да се одвива во Renault, откако управниот одбор го одобри планот на Лука де Мео, извршниот директор на групацијата. „Ренолуцијата“ ќе се состои од три фази. Првата фаза е наречена „Resurrection“ и има за цел да ја врати профитабилноста на Renault до 2023 година. Паралелно со неа ќе се одвива „Renovation”, поставена до 2025 година, за обновување и збогатување на понудата од модели. Третата и носечка фаза е „Revolution“ и има за цел по 2025 година да го унапреди бизнис моделот во висока технологија, енергија и мобилност. Групацијата Renault ќе цели да стане предводник во новата мобилност, од гледиште на противвредноста.
Конкурентноста на возилата од Renault ќе се базира врз инженерингот, а успешноста на работењето повеќе нема да се цени според пазарниот удел, туку според заработката, создавањето вредност и исплатливоста на вложувањата.
Ние ќе се трансформираме од автомобилска компанија што работи со технологија, во технолошка компанија што работи со автомобили, со најмалку 20% од својата заработка што ќе доаѓаат од услугите, податоците и трговијата со енергиоја до 2030 година.
Лука де Мео, извршен директор на Renault Group
Бројот на платформи што ги користат возилата од групацијата ќе се намали од 6 на три (80% од продадените возила ќе се базираат врз овие три платформи на алијансата со Nissan и Mitsubishi), додека бројот на мотори ќе се намали од 8 на четири. Вкупните производствени капацитети ќе се намалат од 4 милиони возила во 2019 година на 3,1 милиони возила во 2025 година.
Renault ќе става повеќе нагласок на производството во фабриките во Латинска Америка, Индија и Кореја, додека во исто време ќе се зајакнува конкурентноста на фабриките во Шпанија, Мароко, Романија, Турција и ќе се зајакнуваат врските со Русија.
Тоа што ќе биде највидливо од „ренолуцијата“: До 2025 година ќе бидат претставени 24 модели, половината од нив ќе бидат во компакт и средната класа, и најмалку 10 од нив ќе бидат чисто електрични модели.
Носечката марка на групацијата ќе ја зајакне и подобри својата понуда од модели во класата на Megane. Тоа треба да доведе до зајакнување на позициите во Европа. Во исто време ќе се нудат и модели за профитабилнисте сегменти на клучни пазари, како што се Латинска Америка и Русија.
Половина од новите модели на Renault за Европа ќе бидат чисто електрични возила. Во исто време, хибридните возила се очекува да учествуваат со 35 проценти во продажбата.
Dacia ќе добие повеќе „кул-фактор“, а исто и кај Lada ќе се продолжи со понудата на возила со достапна цена и со докажана технологија, наменети за купувачи што бараат висока противвредност. Сите возила на Dacia-Lada ќе се базираат на една место на 4 платформи, а бројот на каросериски варијанти ќе се намали од 18 на 11. Место 300 илјади возила на една плаформа, во иднина ќе се произведуваат 1,1 милион возила на една платформа. До 2025 година ќе се лансираат 7 модели, од кои два се во компакт класата. Воедно се најавува и враќање на имињата на култните историски модели. Во двете марки ќе се нудат верзии со автогас, додека Dacia ќе нуди и електрични возила.
Марката Alpine во иднина ќе ги соединува и моделите на Renault Sport, како и тркачкиот ангажман на Renault Sport Racing. Ќе се развиваат чисто електрични модели, базирани врз платформата CMF-EV, а воедно ќе се користи и платформата CMF-B заради зголемување на искористеноста на истата. Автомобилите на Alpine ќе се произведуваат и надвор од Франција и за нив ќе се нудат привлечни можности за финансирање. Формула 1 практично ќе биде основата на марката. Во соработка со Lotus ќе се развива електричен спортски автомобил од нова генерација. Се планира и масивно вложување во мотоспортот.
Нова бизнис гранка е Mobilize, којашто ќе се специјализира за услуги врз база на податоци, мобилност и енергија, со учество од преку 20% во заработката на компанијата до 2030 година. За Mobilize посебно ќе се конструираат 4 модели што ќе бидат наменети за јавни возни паркови и за крајна достава на пратки.