Моделското семејство на знаменосецот на Шкода се проширува со втора и посилна изведба со приклучен хибриден погон. Новиот Суперб иВ располага со системски 272 КС и го скусува спринтот до темпо сто за една секунда.
Верзијата со посилниот приклучен хибриден погон е достапна само во лимузинската изведба на Шкода Суперб, додека кај комбито останува хибридот со системски 177 КС како единствена ПХЕВ-изведба.
Млада Болеслав со овој потег одговара на зголемената побарувачка на пазарот за возила со приклучен хибриден погон. Со порастот на моќноста се зголеми и дозволената тежина на приколка, на 2.000 килограми.
Суперб е прв модел на Шкода што стана достапен во изведба со приклучен хибриден погон во 2019 година, под ознаката Суперв иВ. Една година подоцна, погонот почна да се врадува и во Октавија, а од 2024 година, приклучен хибрид се нуди и во Кодијак.
Луксузната Суперб Лорин Клемент и спортската изведба Спортлајн како приклучни хибриди ќе се нудат само во верзијата со 272 КС. Таа е воедно и најсилната погонска изведба во целата гама на знаменосецот.
Погонската спрега ја сочинуваат 1,5-литарски ТСИ со 177 КС и електромотор со 115 КС, заедно со батерија од 25,7 кВч бруто, односно околу 20 кВч нето. Досегот при возење во чисто електричен режим изнесува 140 километри.
Во споредба со постоечката изведба, моќноста порасна за 50 киловати, благодарение на зафатите во моторот и во контролниот софтвер. Максималниот вртежен момент се искачи на 400 њутнметри, за 50 повеќе од стандардниот модел.
Крајната брзина изнесува 225 км/ч, спринтот до темпо сто трае 7,1 секунди. Соодветно се преработени и сопирачките. Напред се вградени дискови од 310 милиметри, дебели 22 милиметри (300 х 12 стандардно), а изведени се и дополнителни канали под браникот, што го насочуваат струењето на воздух кон дисковите.
Батеријата може да се полни на брз полнач, со моќност до 50 киловати и со 26 минути за наполнетост до 80 проценти.
Од 2019 година, Шкода има испорачано преку 68.000 возила Суперб иВ, во двете генерации на моделот и во двете каросериски изведби. Побарувачката расте, една од секои четири нарачки за Суперб се однесува на изведбата со приклучен хибриден погон, односно во изведбата иВ.
















