Звучно лого звучи многу мистериозно и далечно, но тоа е всушност една тонска секвенца што денес ја користи секога голема марка. Кусо, тоа е звукот со којшто обично завршуваат рекламите на тв и радио.
Škoda отсега ќе му звучи поинаку на светот, со новото звучно лого. Тимот задолжен да го пронајде вистинскиот звук, почна со педесетина оригинални звучни „скечеви“. Во следниот чекор, изборот се сведе на петнаесет, за на крајот да останат само две варијанти.
За завршните две варијанти, се гласаше во Чешка, Германија, Индија и Италија. Фановите на марката ќе можат за првпат да го слушнат избраното лого во новата кампања што ја подготви маркетингот.
Новото лого е дел од целосно сменетата стратегија на комуникација на Škoda. Марката вклучи повеќе од 50 пазари ширум светот, коишто ќе бидат опфатени во кампањата, односно ќе ја гледаат и слушаат истата. Идејата е чешката марка да се претстави како придружничка во истражувањето на светот.
Километражникот е главен протагонист во рекламите, меѓутоа суштината е друга. „Километражникот всушност не брои километри, туку мери искуства, емоции, моменти за помнење, приказни и посетени места. Во суштина, тој го мери животот“, објаснуваат од Škoda.
Инспирација од домот на марката
Инспирацијата за новото звучно лого доаѓа од симфониската поема В’лтава, од циклусот „Мојата земја“ од прочуениот чешки композитор Бедрих Сметана.
Самото лого се слуша во отворањето на симфониската поема. Во оригиналот, секцијата се изведува на флаути и го прикажува изворот на реката. Тоа симболизира почеток на патување. Звучното лого на Škoda сепак е отсвирено на синтисајзер.
















