за

Фино брусење за Škoda Kodiaq

По четири години откако со него ја стартуваше офанзивата од СУВ-модели, Škoda му подготви ефектно освежување на Kodiaq.

Новото моделско годиште на Škoda Kodiaq постигнува напредок во клучните подрачја, а доаѓа и со неколку екстра зафати во изгледот.

За големиот СУВ-модел на Škoda првпат се достапни диодни матрични светла. Моделското освежување ѝ донесе нов TSI-мотор на спортската изведба Kodiaq RS, исто како и нови детали во изгледот. Испораката на освеженото моделско годиште ќе стартува во јули годинава.

Клиентите најмногу го ценат Kodiaq поради одличната противвредност, просторната кабина и богатата опрема. Нов детал во изгледот во нивоата на опрема Active, Ambition и Style се додатоците во предниот и задниот браник со изглед на алуминиум, кои внесуваат повпечатива теренска нота.

Хаубата е повисока, маската исто така има нов дизајн и повеќе е исправена. За тркалата може да се избира до пречник од 20 инчи. Намалување на отпорот на воздух се постигнува со посебни аеро-тркала, со сменетата форма на предниот и задниот браник и со новиот заден спојлер што е лакиран во црна сјајна боја. Покрај задното стакло исто така се забележуваат мали перки. Спортскиот топ-модел Kodiaq RS сега има посебен преден браник со подинамичен изглед.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Првпат се вградуваат и посебно ергономски седишта, достапни како опција, изведени со перфорирана кожа, со електрично местење, со проветрување и масажа. Нови украсни лајсни, штепови во контрастна боја и збогатени функции на диодното осветлување создаваат нов амбиент во кабината на Kodiaq.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како опција се вградува и виртуелен кокпит, со дисплеј од 10,25 инчи и со четири основни прикажувања – Kodiaq RS стандардно располага со оваа ставка. Новина во системите за асистенција е проактивната заштита на патниците, којашто реагира при опасност од налетување на возило одзади, користејќи дополнителни радарски сензори назад.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Kodiaq RS добива и нов мотор. Дволитарскиот TSI спаѓа во генерацијата Evo и располага со моќност од 245 КС. Пред фејслифтот, RS возеше со дволитарски дизел со 240 КС. Бензинскиот мотор заштедува 60 килограми во тежината на Kodiaq RS. Дополнителна заштеда од 5,2 килограми донесува новиот 7-степен DSG. Основата на понудата од бензински мотори ја сочинуваат 1,5 TSI со 150 КС и 2,0 TSI со 190 КС. Дизелите се дволитарски, со 150 и со 200 КС.

Škoda го започна производството на Kodiaq во 2016 година во Квасини. Освен во Чешка, големиот СУВ се произведува и во Кина, Индија и Русија. До крајот на март годинава, вкупно се произведени повеќе од 600.000 примероци од Kodiaq.

>>> Фолксвагенова симфонија број 8 во MQB-мајор

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Rimac ќе гради центар вреден 200 мио. € во Загреб

Twingo Cup се враќа, викендов се вози на Хунгароринг