за

Rimac ќе гради центар вреден 200 мио. € во Загреб

Хрватскиот производител на хиперавтомобили на струја и технолошки партнер, Rimac Automobili, најавува нов центар што ќе располага со тест-патека, хотел, музеј.

Мате Римац за една декада го разви својот бизнис од гаража до техно-компанија од светски глас. Неговата компанија Rimac Automobili е стратешки партнер во електромобилноста на Hyundai-Kia и Porsche. Бизнисот постојано расте, мора да се гради нов центар.

Новиот комплекс на Rimac Automobili е дело на прочуеното хрватско архитектонско биро 3LHD. Во комплексот ќе се врши истражување и развој за партнери од цел свет, како и изработка на прототипи и развој на проекти за големосериско производство на електрични автомобили со високи перформанси за голем број автомобилски компании.

Водечката идеја за центарот е да се обезбеди најдобра можна работна средина за персоналот од цел свет. Местото е оддалечено само неколку километри од постоечките погони на Rimac. Површината на земјиштето е 200.000 m² од коешто половината ќе биде покриено со објекти. Изградбата се планира да заврши во 2023 година. Компанијата моментно вработува 1.000 лица.

Отсекогаш сме биле обврзани на едно нешто, а тоа е нашиот бизнис да го развиваме во Хрватска. Се гордееме што сме тука, а новата локација ќе биде наш дом за долги години

Мате Римац, основач и сопственик на Rimac Automobili

Архитектонското биро 3LHD има работено на спектакуларни проекти, меѓу другото на хотел Рива во Сплит и хотел ЛН Гарден во Гуанжу, Кина. За центарот на Rimac, архитектите земале пример од дизајнот на хиперспортскиот автомобил C_Two.

Концептот на новиот комплекс вклучува многу уникатни детали, меѓу другото градина на покривот и сместување во рамките на самиот комплекс, во мали бунгалови во природата околу. Посетителите ќе можат да го гледаат процесот на изработка на возилата на Rimac, а центарот ќе располага и со простор во којшто клиентите ќе можат да ги избираат опциите на својот иден хрватски хиперавтомобил.

Во рамките на комплексот ќе бидат вклучени и просторија за игри, вежбална и центар за тренирање, ресторан, детска градинка, па дури ќе има и мала фарма со домашни животни. Исто така е предвидено и органско производство на храна, плус парк за вработените, но и за јавноста.

Бројот на вработени во комплексот ќе се зголеми двојно, на повеќе од 2.500 лица. Мате Римац во новиот центар ќе ги произведува и електричните велосипеди од сопствената марка Greyp.

https://www.instagram.com/p/CNj3V-dgagi/

>>> Porsche вложи дополнителни 70 милиони евра во хрватскиот Rimac

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Французите ќе заменуваат стари автомобили за електрични велосипеди

Фино брусење за Škoda Kodiaq