за

Тркачката Škoda Favorit постигнуваше брзини до 240 km/h

Чешката марка отсекогаш имала голема пасија за мотоспортот. Škoda Favorit изгледа мошне цивилно, но беше опасен противник на трка.

Škoda Favorit пристигна како наследник на прочуената Škoda 130 LR, последниот автомобил на Чесите со мотор и погон назад. Семејниот модел редовно победуваше и на рели-трките, во категоријата под 1.300 ccm. 

Во 1988 година заврши долгата ера на возилата на Škoda со мотор и погон назад. Фабричките возачи од Млада Болеслав ги извозеа последните рели трки со легендарниот модел 130 LR и практично преку ноќ почнаа да се тркаат со новиот Škoda Favorit со преден погон.

Škoda Favorit првпат се појави пред светот во септември 1987 година, на меѓународниот саем за машинство во Брно. Новиот модел со кус опаш имаше мотор и погон напред, имаше комплетно нова конструкција и беше наменет за целиот европски пазар. Инженерите во тоа време веќе работеа на изведба за рели-трки.

Тркачкиот автомобил доби хомологација на 1-ви јануари 1989 година, а кусо потоа Favorit стартуваше на релито „Валашка зима“. Првата интернационална трка на новиот модел беше во Финска, каде што Favorit победи во својата класата. Следеа уште бројни победи, но и учество на Монте Карло, на РАЦ , на финското „1000 езера“ и на рели Акрополис. Серија од четири последувателни победи во низа, меѓу 1991 и 1994 година, постигна двоецот Павел Сибера/Петр Грос.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во 1993 година стапија нови правила во рели спортот, со воведувањето на таканаречената Формула 2, за возила со атмосферски мотор до два литри и една погонска оска. Тимот на Škoda Motorsport ја заврши сезоната втор, за во следната сезона да ја понесе титулата на светски шампион во класата Формула 2.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Рели автомобилот имаше каросерија од потенка ламарина, но таа беше зајакната со ролбар. Favorit подготвен за трка тежеше само 750 килограми. Моторот од 1,3 литар со „висечки вентили“ (OHV) имаше посебни клипници, брегастo вратило и други клучни компоненти. Моќноста во почетокот изнесуваше 76 kW (103 КС) при 6.500 вртежи во минута. Подоцна таа се искачи на 88 kW при 7.000 вртежи, благодарение на двојниот карбуратор Pierburg. Петстепениот менувач подоцна беше заменет со шестстепен со прави запци. Зависно од преносот, крајната брзина се движеше меѓу 150 и 210 km/h.

Во 1993 година, „тркачките бои“ на Favorit добија буква V за победа, во зелена боја, заедно со црвена лента – тоа е денешниот амблем на RS-моделите на Škoda

Посебна верзија на Škoda Favorit 136 L/A ги одмеруваше силите на тркачките патеки и на ридските трки. Во 1989 година стартуваше Favorit 136 L/H развиен за кружни трки. Моторот со код 790.16 OHC беше прототип со зафатнина зголемена на 1.596 ccm. Со два двогрли карбуратори Weber, моторот постигнуваше 123 kW (167 КС) при 6.500 вртежи во минута. Максималниот вртежен момент од 176 Nm се постигнуваше при 5.500/min. Крајната брзина изнесуваше 240 km/h, а спринтот до темпо сто траеше само шест секунди. Со директно впрскување, моторот постигнуваше 175 КС. Тркачката Škoda Favorit меѓу другото стартуваше на 24 часа Нирбургринг, каде што триото Кваизар / Самохил / Оберман постигна победа во класа.

Во 1995 година следеше Škoda Felicia, но бројни тимови продолжија да се тркаат со Favorit, како моќен и достапен тркачки автомобил.

>>> Škoda 180 RS и 200 RS: Рели машини од друга лига

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota од март продала 222 автомобили на водород во Германија

Peugeot 208 е новиот хит модел во Бразил