за

Škoda Fabia четврта, само со бензинци, на праг на компакт-класата

Новата генерација на Škoda Fabia настапува со многу подинамичен изглед од досега. Постои и техничка основа за тоа.

Škoda четврти пат претставува нова Fabia. Во новата генерација, таа е поголема и изгледа самоуверено, има и иновации, а под хаубата работат само бензински мотори.

Fabia е еден од поголемите автомобили во Македонија, барем во поглед на значењето за пазарот и во поглед на постигнатите продажби, секако. Голема е Fabia главно поради нејзината претходничка, поточно претходнички. Производителот од Млада Болеслав, во тоа време чехословачки производител, со Favorit го започна својот пробив од стегите на Источниот Блок. Моделот се возеше масовно по македонските патишта, Favorit им парираше на југо-болидите. Посебно беше ценета комби изведбата, Forman.

Тоа беа издржливи и солидно изработени модели. Во меѓувреме во Млада Болеслав стануваше сé погласна музиката од Волфсбург. Под асистенција на германскиот концерн, Favorit 135 и 136 прераснаа во Felicia. Увозник за Škoda во тоа време беше Еурокар, многумина уште го помнат големиот салон во скопски Трготекстил. Битолската компанија, од продажба на автомобили буквално од трафика во градот на конзулите, премина директно во еден од најголемите и најпретставителни објекти во автомобилската бранша во тоа време, во продажно сервисниот центар во Битола, претходно Пошта. Колку што Favorit се продаваше одлично, толку Felicia се продаваше подобро и од тоа. Годишната продажба бележеше близу 2.000 примероци. Потоа следеше Fabia, којашто доби вредно наследство. Историјата понатаму е „видлива“.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Од стартот во 1999 година, од Fabia се продадоа 4,5 милиони примероци во светот. Нормално дека тоа е еден од поуспешните автомобили на сцената. Во Европа штотуку стартува продажбата на четвртата генерација на моделот, а сосем е извесно дека за кусо време во Порше ќе следи и премиера на Fabia IV на македонскиот пазар. Формулата е позната: Простор, безбедност, функционалност, штедливост, со одлична противвредност.

Ова може да е последната Fabia во „класична“ изведба, наследничката веќе ќе вози со чисто електричен погон

Во Македонија секако дека ќе имаме многу пониска стартна цена од онаа со којашто почнува ценовникот во Германија, од 16.290 евра за основниот модел со 80 КС. Меѓу првата Fabia од пред 22 години и современеничката на VW ID.3 & 4 или Porsche Taycan, сепак има поминато многу време, а времето во автомобилската бранша значи развој. Новата Fabia повеќе сака да им парира на компактите, отколку на најевтините градски модели, ако некој воопшто нуди таков модел.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Каросеријата порасна во должина за единаесет сантиметри во споредба со претходничката што мереше точно четири метри. Порасна и меѓуоскиното растојание на 2,56 метри, за што најмногу ќе се радуваат патниците на задната клупа. Ширината од 1,78 метар посредува сосем ново просторно чувство во кабината.

Шампионски багажник на Škoda Fabia, колку модел од компакт класата

Fabia е посебно убедлива и со зафатнината на багажникот, кој сега располага со 380 литри. Тоа се 50 литри повеќе од претходничката, но и солидна вредност во споредба со VW Golf (381 литри) или Opel Astra (370 литри). За Fabia и со опремата да се приближи повеќе до компакт класата, значително е збогатена понудата од дополнителна опрема. Но, пак мора да остане доволно простор до компакт класата, затоа што Škoda во меѓувреме ја нуди Scala, како чисто „голф-модел“. Првпат во Fabia може да работи двозонска автоматска клима. Како опција може да се добие дури и греење на ветробранот или спортски волан со три краци, што е ист како во Octavia.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Фактичкиот основен модел со 65 КС и 93 њутнметри, еднолитарец со три цилиндри од генерацијата Evo, не е достапен во почетокот од продажбата. Со неговото пристигање во гамата, значително ќе се спушти и појдовната цена за Fabia.

Секако дека главнината од продажба на моделот во Европа ќе отпаѓа на еднолитарските TSI, исто така од генерацијата EVO, со моќност од 95, односно 110 КС. За посилната варијанта може да се комбинира седумстепен менувач со двојна спојка, во замена за мануелниот менувач со шест степени. Перформансите се мошне солидни за 1.0 TSI 110. Спринтот до темпо сто трае 9 секунди, крајната брзина изнесува 205 km/h.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За ниската потрошувачка ќе се погрижи и рекордната аеродинамичност, со коефициент 0,28. Фабриката за посилниот модел наведува градска потрошувачка од 5,9 литри, вредноста на отворено е 3,7 литри, додека просекот би бил 4,5 литри на сто километри.

Чешките инженери со деталната работа во подвозјето се погрижија да има и уживање во возењето. Кој е подготвен да жртвува од комфорот што е својствен за моделите на Škoda, тогаш може со избор на тркала од 18 инчи и со спортско подвозје, што каросеријата ја спушта за 1,5 сантиметар, вистински да ужива во спортските возни својства на новата Fabia.

Топ-моделот вози со 1,5-литарски TSI ACT Evo со 150 КС

Високата динамична резерва не е оставена случајно, затоа што врвот во гамата му припаѓа на моделот со 1,5-литарски TSI Evo со 150 КС и вртежен момент од 250 њутнметри. Во топ-моделот се вградува исклучиво 7-степен DSG. Fabia со овој мотор јури 100 km/h по стартот од место по само осум секунди, а крајната брзина изнесува 225 km/h. За штедење гориво се грижи познатата техника ACT, којашто исклучува два цилиндри при ниско оптоварување.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кој вози често по земјен пат, тогаш може да избере пакет за лоши патишта, кој возењето во такви услови го прави помалку непријатно. Спротивно од спортското подвозје, во овој случај карсеријата се качува за 1,5 сантиметар.

Големите промени доаѓаат со преоѓањето на платформата MQB A0. Тоа значи дека за Fabia сега се достапни сите системи за асистенција со коишто можат да располагаат Golf & Co. Во чешкиот модел може да работат до седум вакви асистенти, од систем за задржување во лента, преку приспособлив темпомат, до камера за знаци. Самостојно паркирање, тоа е веќе стара музика. Во поглед на безбедноста, вкупниот број на воздушни перници може да достигне девет, вклучувајќи воздушна перница за колената на возачот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Порасна и максималната големина на средишниот дисплеј, на 9,2 инчи, односно на 10,25 инчи. По пример на Octavia, поврзувањето со телефон повеќе не се врши преку кабел, туку е сосем доволна и блутут врска за користење на Apple Carplay или Android Auto.

Како при сите премиери во последниве години, така и за премиерата на Fabia има новини во поглед на интелигентните практични решенија, прочуените Simply Clever. Држач за паркинг-билет на предниот столб, гребач за мраз во поклопецот на чепот на резервоарот или кантичка за отпад во облогата на вратата се веќе познати „трикови“. Новина е тоа што во предните врати сега има чадор. Во средишниот тунел има дополнителни прегради, има опција да се добие отстранлив држач за чаша. Škoda набројува дури 43 решенија од ваков вид.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест: Skoda Octavia 2.0 TDI DSG Style

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Камион од 25 метри вози за Seat до пристаништето во Барцелона

BMW ги лакира Серија 1 и 2 во најнеобични бои