На Шкода ѝ успева и со електричните автомобили. Откако со првата Октавиа прерасна од производител на сосила буџет модели, во производител од којшто се избира автомобил за многу посериозни намени, Шкода во последно време привлекува внимание со своите електрични модели.
Ениак, кој е далеку од прв модел на Шкода со батериски електричен погон, затоа што тоа во периодот од 2017 до 2020 го умееше и електричната Ситиго, достигна 200.000 произведени примероци. Тука се вклучени стандардната СУВ и купе-СУВ изведбата – вклучувајќи го и престижниот Ениак Купе 85 Спортлајн што неодамна беше на тест во Аутомедиа.
Токму во тој стил е славеничкиот примерок, бела Ениак Купе Спортлајн, што монтажната лента ја напушти на 16-ти февруари. За тековната моделска година, Ениак претрпе зафати, со цел да се засили погонот и воедно да се смали потрошувачката, што понатаму води и до подолг досег. Чесите сменија и неколку нешта за батеријата да се полни побрзо, а се смени и софтверот, што сега се одликува со полесно и попрегледно ракување со функциите на возилото.
Млада Болеслав во текот на годинава ќе одржи и светска премиера на новиот Елрок, модел во компакт класата, што ќе биде подостапен од Ениак и во гамата ќе се постави покрај Карок. Вкупно шест нови електрични модели ќе се вклучат во гамата на Шкода во следните неколку години, со што ќе се заокружи електричната понуда на марката.
„Лани Ениак беше четврта најпродавана моделска серија со електричен погон во Европа, достигнувајќи рекордна продажба во светски рамки, со 81.700 примероци – што претставува раст о 52,1 проценти во споредба со 2022“, коментира за успехот Андреас Дик, шеф за производство и логистика во Шкода.
Ениак е прв модел на Шкода што е конструиран врз платформата МЕБ на концернот Фолксваген, односно има заедничка основа со целата ИД-серија на ФВ, од 3-та до 7-та. За на иста лента да се произведуваат и модели со класичен, и модели со електричен погон, Шкода вложи 32 милиони евра во Млада Болеслав.
Шкода Ениак во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар
На домашниот, чешки пазар, Ениак и Ениак Купе држат четвртина од својот сегмент, што секако дека ѝ обезбедува лидерство. Во соседна Словачка, електричната Шкода исто така ужива висок удел со 17 проценти од пазарот. Таа е втор најпродаван БЕВ во Естонија, Финска, Австрија и Швајцарија.
Во погонската спрега може да се избира меѓу изведба 85, 85х – со погон на сите тркала, и спортска РС, со моќност од 286 КС. Во најдобиот случај, батеријата испорачува енергија за до 570 километри пат, во аеродинамично оптимираната Ениак Купе.