Со воведувањето на „автономните колаборативни роботи“ во матичната фабрика на Seat во близината на Барселона значително се скусува пешачењето на работниците на нивното работно место. Една од задачите на роботите е да пренесуваат компоненти во фабриката со површина од 2,8 милиони метри квадратни.
Роботите се дел од стратегијата на Seat за развој и примена на дигитални алатки и решенија, за фабриката да стане попаметна, повеќе дигитализирана и повеќе поврзана. Во Марторел се пуштени два роботи EffiBOT, но е сосем извесно дека нивниот број во иднина ќе се зголемува. Заменик директорот за производство и логистика на Seat, Херберт Штајнер: „Автономните мобилни роботи нé прават да бидеме предводници во иновациите во автомобилскиот сектор. Тие претставуваат и јасен пример за тоа како роботите можат да соработуваат со вработените и да им ја олеснат работата.“
EffiBOT е робот развиен од француската компанија Effidence и приспособен е според барањата на Seat. Роботот може да го следи работникот што ќе го допре дисплејот додека се движи низ фабриката и на соодветен начин му асистира. Една од главните задачи на EffiBOT е ослободувањето на работниците од носење тежок товар. Роботот, конкретно може да носи 250 килограми, односно да влече 500 килограми.
Покрај новите роботи, во фабриката на Seat „работат“ уште 20 роботи-помошници, меѓу другото и т.н. коботи, чијашто задача е да ги лепат ознаките на моделите Ibiza и Arona.
















