за

Seat Ibiza со исто лице и со нови внатрешни вредности

Моделското освежување на Seat Ibiza повеќе е посветено на системите за асистенција и на поврзувањето, има и нови материјали и бои.

Петтата генерација на Seat Ibiza ја ужива својата четврта година на пазарот. Заедно со СУВ-моделот што ја користи неговата техника, Seat Arona, шпанскиот модел со големо име на македонската сцена доживеа освежување.

Новото моделско годиште на Seat Ibiza повеќе се распознава однатре, отколку однадвор. Промените во надворешниот изглед се занемарливи, но затоа има суштински новини во кабината и во техниката во неа. Најважните новитети се однесуваат на системите за асистенција и на можностите за поврзување. Seat тука ја воведува најновата генерацијана својот онлајн инфо-забавен систем.

Дисплејот во средината на арматурната табла сега е поставен малку повисоко и располага со пречник од 8,25 или 9,2 инчи. Најновата генерација на онлајн инфо-забавниот систем Seat Connect дозволува безжично поврзување со паметен телефон и давање команди со природна говорна форма. Секако, говорните команди се активираат со познатото „Ола Ола“. Преку мобилна апликација може однадвор да се повикуваат податоци од возилото, на пример за местото на коешто тоа се наоѓа во моментот. Првпат може да се нарачаат дигитални инструменти.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кокпитот на Ibiza е облагороден со нови материјали, нови облоги на седиштата и со слој мек полиуретан врз арматурната табла. Нивоата на опрема остануваат истите – Reference, Style, Xcellence и FR. Двете највисоки нивоа на опрема сега располагаат со осветлени отвори за проветрување и нов кожен волан.

Промени има и во системите за асистенција. Новиот Travel-Assist дозволува полуавтопилотирано возење со брзина до 210 km/h. Работата на овој систем се базира врз радарот за приспособливиот темпомат и камерата за следење лента. Новина се и системот за помош при престројување, автоматското долго светло и предупредувањето за возило во мртов агол.

New item by Automedia MK / Google Photos

Нов е натписот Ibiza назад, по пример на Leon, има три нови дизајни за тркалата и две нови бои за каросеријата. Други измени во надворешноста одвај дека постојат. Секоја Ibiza отсега излегува од фабрика со целосни диодни предни светла

Нема промени ниту во моторите. Бензинци со три или четири цилиндри покриваат дијапазон меѓу 80 и 150 КС, а за одредени пазари е достапна и изведба на метан со 90 КС. Опција кај менувачите е DSG.

New item by Automedia MK / Google Photos

Од актуелниот модел на нашиот пазар моментно е во акциска понуда Ibiza 1.0 со 80 КС и со богатото ниво на опрема Style, со цена од 14.990 евра, место редовните 17.000 евра. Новиот модел се очекува да стартува на европскиот пазар во текот на летото.

>>> Тест: Seat Leon 1.5 eTSI FR

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes ѝ создаде конкурент на S-Class: Електричен EQS, луксузен, различен

Porsche до април испорачал над 70.000 автомобили