Сите пазари биле во раст за спортската марка Porsche во првиот квартал од годината. Голема заслуга за тоа има и целосно електричниот Taycan.
Најпродаван модел на Porsche во периодот од јануари до март бил Macan со 22.458 примероци. На второто место следи Cayenne со 19.533 возила. Одлично се држи и спортската икона во понудата на марката, 911, со вкупно 9.133 примероци во првиот квартал.
Секако дека најголема љубопитност постои за продажбата на електричниот модел Taycan. Во првите три месеци, спортската лимузина на батерија била испорачана во вкупно 9.072 примероци. Моделите со средишно вграден мотор, 718 Boxster и 718 Cayman исто така уживаат голема популарност, со 6.190 испорачани примероци. Својата нова Panamera ја презеле 5.600 клиенти.
Кина и натаму е најголем единечен пазар за Porsche. Во првите три месеци, таму се испорачале 21.991 возила од спортската марка, дури 56 проценти повеќе отколку лани. Целиот регион на Азија и Пацификот бележи позитивен тренд, исто како и Африка и Блискиот Исток – таму за три месеци биле испорачани вкупно 32.129 возила или за +46 проценти повеќе од првото тромесечје лани.
Голем раст има и на пазарот во САД, со 17.368 продадени возила или за 45% повеќе. Во Европа се продадени 19.389 возила, што е зголемување од 16 проценти. Само на домашниот пазар, Германија, испорачани се 5.957 возила (+14%).
















