за

Моторот на Porsche 911 GT3 мина 5.000 часови под полна гас и 300 km/h

Шестцилиндарскиот боксер во најтркачкиот сериски модел на Porsche се издвојува во детали, но кога сите детали ќе се соберат заедно, се добива фасцинантна машина.

Штутгарт го обожува својот Porsche 911 GT3 и тоа беше очигледно кога од „централата“ на марката настојуваа преку Порше Македонија и тукашните новинари да присуствуваат на дигиталната презентација на моделот. Многу работа има во овој автомобил што верно ги пренесува тркачките гени на Porsche во возило за секој ден.

Инженерите на Porsche имаа една цел при развојот на новиот 911 GT3: Автомобилот требаше да добие уште поекстремни перформанси, но притоа да не се задира во применливоста на овој болид во секојдневниот сообраќај. Што точно се слушуваше при развојот, сведочи фактот дека во развојот на GT3 директно учествуваа инженерите што ги развиваат тркачките автомобили на Porsche. Подиректен трансфер на технологојата од мотоспортот на улица, не постои.

Напредокот е највидлив во аеродинамиката. Првпат во сериски модел на Porsche се користи „висечки“ спојлер. Држачите во форма на лебедов врат е сличен како кај тркачкииот болид во GT-шампионатот, во 911 RSR, исто како и во возилата во купот со 911 GT3. Поради тоа што алуминиумските држачи го држат големиот спојлер озгора, воздухот може непречено да струи од долната страна, којашто е почувствителна од гледиште на аеродинамичноста. Тоа го зголемува притисокот. Извршени се 700 најразлични симулации за аеродинамиката на GT3. Само за фините дотерувања, поминати се над 160 часови во воздушен канал. Аголот се мести во четири степени. Соодветно и предниот дифузор се мести во четири степени. Во основната положба, 911 GT3 при 200 km/h создава за 50 проценти повеќе притисок од претходникот. Во најекстремната положба, плусот изнесува над 150 проценти. Со двата елементи може аеродинамиката да се дотера посебно за секоја патека, исто како и за секој стил на возење. Porsche ја проверува аеродинамичноста не само „на право“, туку симулира и свијоци, сопирање, забрзување.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Секако дека најмногу време одзеде моторот. Четирилитарскиот боксер што користи високи вртежи, мина повеќе од 22.000 часови на пробна рампа. Симулирани се различни профили на патеки и најголемиот дел е возено под полна гас. Моторот се базира врз оној од тркачкиот 911 GT3 R, а речиси непроменет се користи и во 911 GT3 Cup. Со моќност од 510 КС, тој има 10 КС повеќе од прертходникот и постигнува максимална моќност при 8.400/min. Електрониката исклучува дури при 9.000 вртежи. Вртежниот момент исто така се зголеми од 460 на 470 Nm.

Притискањето на вентилите се врши преку крути „клацкалки“, исто како во мотоспортот. За отворањето на вентилите да се приспособува според бројот на вртежи и оптовареноста на моторот се грижи докажаната техника VarioCam. Коленасто вратило со голем пречник на лежиштата, широки лежишта на клипниците и цилиндерски кошулки обложени со плазма го смалуваат триењето и го намалуваат абењето.

New photo by Automedia MK / Google Photos

При екстремните странични и надолжни забрзувања што ги постигнува 911 GT3 на тркачка патека, посебно значење се придава на снабдувањето со масло. Исто како во мотоспортот, за тоа се грижи т.н. подмачкување со сув картер, со посебен резервоар со масло. Моторното масло во седум различни степени го вшмукува маслото назад во надворешниот резервоар брзо и ефикасно, а подмачкувањето на екстремно оптоварените лежишта на клипниците се врши директно преку пумпата за масло и коленастото вратило. Моторот во тркачкиот 911 GT3 Cup се разликува единствено во издувот и во електрониката.

При завршното дотерување на моторот се извозени над 5.000 километри без прекин и под полна гас на сопствената тркачка патека Нардо во Италија, заради потрврда на издржливоста. Работата на моторот била прекинувана само при полнењето на резервоарот.

Porsche ќе стартува со испорака на 911 GT3 во мај, цената во Германија почнува од 170.969 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

 

>>> Новиот Porsche 911 GT3 симна 17 секунди на Нирбургринг

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Камион Mercedes претворен во центар за вакцинирање во Германија

Chevrolet ќе произведува пикап со погон на струја