за

Во новите модели на Renault Samsung ќе работи техника од Geely и Volvo

Корејската посестринска компанија на Renault ќе произведува автомобили со техниката од Geely. Тоа поточно значи дека во Renault Samsung ќе работи иста техника како во компактните модели на Volvo.

Платформата CMA, што е развиена заеднички од Volvo и Geely, во иднина ќе се користи и за моделите на Renault Samsung, корејскиот огранок на Renault. Лиценцирана техника од Volvo XC40 и C40 ќе работи во хибридните и конвенционалните модели на корејската марка. Покрај тоа, Geely купи и 34,02 проценти од акциите во Renault Samsung.

Кога се спомнува корејската автомобилска индустрија, прво се мисли на Kia и на Hyundai. Некои ќе се сетат и на специјалистот за СУВ-модели SsangYong. Но, обично сите забораваат дека и Renault Samsung произведува автомобили во земјата.

Автомобилската марка нема ништо заедничко со концернот чијашто марка ја гледаме најчесто на телевизори и на паметни телефони. Компанијата веќе подолго време е дел од групацијата Renault и официјално работи под името Renault Samsung Motors. Возилата што се развиени во Кореја и се произведуваат во земјата, познати ни се и во Европа. Пример за таков модел е токму купе-кросоверот Renault Arkana, во регионов преименуван во Megane Conquest.

Заради зајакнување на бизнисот на Renault Samsung Motors во Јужна Кореја, францускиот концерн во јануари годинава воспостави соработка со кинескиот гигант Geely. Во рамките на соработката, Renault Samsung Motors за своите идни модели ќе ја користи платформата CMA (Compact Modular Architecture), што е развиена заеднички од Volvo и Geely. Тоа е платформата што работи во Volvo XC40, C40, како и во моделите на Lynk & Co и Polestar. Производството на моделите врз оваа платформа ќе започне во 2024 година. Моделите со хибриден и со обичен погон ќе бидат наменети и за извоз.

Корејските автомобили со техниката на Volvo ќе се продаваат и на извозните пазари

Ова не е првпат Renault да соработува со Geely. Уште во минатото лето беше најавено дека Geely ќе произведува хибридни автомобили во Кина, коишто таму ќе се продаваат под марката Renault. Се предвидува и отворање на корејскиот пазар за електричните модели на Lynk & Co, марка на Geely што својот концепт го заснова првенствено врз месечно изнајмување, место класично поседување автомобил.

Geely соопшти и дека го зголемила капиталот во Renault Samsung и сега располага со 34,02 проценти од корејскиот производител. Зделката чека одобрение од надлежните органи. Групацијата Renault останува мнозински сопственик. Јапонските партнери во алијансата, Nissan и Mitsubishi, можеби нема да бидат најсреќни од сорасботката меѓу Renault и Geely, имајќи предвид дека Кинезите сепак купија повеќе од една третина од акциите во посестринската компанија на Renault во Кореја.

Volvo испрати нов софтвер „по воздух“ до 190.000 автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen почнува со нарачки за електричното комбе ID. Buzz

mazda sediste japonija

Mazda се враќа во зоната на добивка