Renault го именува идниот знаменосец Rafale

Идниот кросовер во стил на купе, што ќе биде најпретставителeн модел во понудата на Renault, ќе го носи моделското име Rafale. Името се повикува на франускиот борбен авион, исто како и на тркачкиот авион од 1930-те години, што беше конструиран со учество на Renault.

Renault Rafale ќе биде третата изведба врз база на компактниот СУВ-модел Austral, што ја користи заедничката платформа CMF-CD на Renault и Nissan. Моделот што го наследи Kadjar беше лансиран пред завршетокот на минатата година. Во март, Французите го претставија и Espace, како подолга изведба на Austral, којашто може да се нарача и со седум седишта. Производството на Espace ќе започне летово во Шпанија.

Неделава беа објавени фотографии што го навестуваат изгледот на идниот Rafale. Премиерата на моделот е закажана за 18-ти јуни, на меѓународниот салон за аеронаутика, што со долга традиција се одржува на аеродромот Ле Бурже во близина на Париз.

Renault посочува дека името Rafale потекнува од тркачкиот авион од средината на 1930-те години, што беше конструиран од Caudron-Renault. Во тоа време Renault учествуваше во бројни проекти надвор од автомобилското производство.

„Името Rafale веднаш асоцира на технологија, перформанси и предизвик, како и на возачко уживање и агилност“, објаснува Силвија Дос Сантос, која раководи со стратегијата на именување во глобалниот маркетинг на Renault.

„Тоа е име со промислено значење што се повикува на нашата историја, додека во исто време укажува на позиционирањето на нашето идно престижно СУВ-купе“, додава Дос Сантос.

Погонските единици во Rafale се очекува дека ќе бидат истите како во Espace, односно тоа е нова генерација целосно хибриден погон на Renault. Во Austral се нудат и две верзии со благ хибриден погон, меѓутоа Renault во продажбата става повеќе нагласок на целосно хибридните верзии.

Renault Austral, компактен СУВ-модел, беше претставен во втората половина од минатата година, како наследник на Kadjar. Наскоро ќе го објавиме тестот на моделот.

Rafale ќе се најде во улога на знаменосец на Renault, откако во минатата година заврши производството на лимузината и комбито од средната класа Talisman. Под раководство на извршниот директор на групацијата, Лука де Мео, марката Renault повеќе се посветува на продажба на модели од компактната и средната класа, како и на поскапо опремени варијанти од своите помали модели Clio и Captur.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Renault France (@renault_france)

„Rafale“ е француски збор што значи налет на ветер или воздух. Борбениот млазен авион Rafale се произведува од 2001 година во Dassault и претставува темел на француските воздухопловни сили. Авионот се користи и во воздухопловството на Египет, Грција, Индија и други држави.

 

Претходна објаваПазарот расте деветти месец, електричните со 12% удел
Следна објаваDacia Sandero најпродаван модел во Европа во април

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here