Значителен раст на автомобилскиот пазар во Европа во април. Вкупно се продадени 803.188 патнички автомобили, што е за 17,2% над истиот месец лани. Сите земји во ЕУ пријавуваат голем раст во продажбата, најмногу напредувале Италија (+29,2%) и Франција (+21,9%).
Во првите четири месеци од годината, пазарот бележи вкупно 3,5 милиони продадени автомобили, што е за 17,8 проценти подобро од истиот период во минатата година. Иако е постигнат голем напредок во споредба со 2022 година, резултатите уште заостануваат зад последната година пред пандемијата.
Во периодот од јануари до април, во 2019 година биле продадени 22,8% повеќе автомобили. Тоа покажува со какви предизвици се соочува автомобилскиот пазар сиве години. Од четирите најголеми пазари во ЕУ, до април најмногу напредувале Шпанија (+33,7%), следат Италија (+26,9%), Франција (+16,7%), и Германија (+7,9%).
Продолжува да расте пазарниот удел на батериските електрични автомобили, којшто во април изнесува 11,8 проценти. Лани во април, тие учествувале во вкупната продажба со 9,1 проценти. На хибридите отпаѓаат дури 24,8 проценти од пазарот на нови автомобили во ЕУ. Бензинците се застапени најмногу, со 38,2 проценти.
Во првите четири месеци од 2023 година се продадени повеќе од 400.000 батериски електрични автомобили во Европа
Во минатиот месец, бројот на нови патнички автомобили со чисто електричен погон во ЕУ зголемен е за дури 51,9 проценти, со вкупно продадени 94.561 возила. Тоа одговара на пазарен удел од 11,8%, што претставува зголемување од близу 3% во споредба со ланскиот април. Повеќето држави во ЕУ пријавиле двоцифрен, па и троцифрен раст во продажбата. Двата најголеми пазари, Франција и Германија, регистрирале за 34,8%, односно 34,1% повеќе батериски електрични автомобили. Во првите четири месеци од 2023 година се продадени 415.579 батериски електрични автомобили во Европа – тоа е зголемување од дури 45,1 проценти.
Хибридните возила доминираат и покрај целата врева околу батерискиот електричен погон
Хибридните модели, односно самополнечките хибриди како што ги нарекува Toyota, продолжија да напредуваат и во април. Нивниот раст е 22,7 проценти, вкупно се продадени 199.407 возила. Овој раст во најголем дел се должи на двоцифреното зголемување на пазарот на четирите главни пазари во ЕУ: Германија (+35,9%), Франција (+28,6%), Италија (+28.3%), и Шпанија (+14,4%). Како резултат, хибридните автомобили држат 24,8 проценти од пазарот во април, наспроти 23,7 проценти во истиот месец лани.

По растот од 4,3 проценти во март, продажбата на приклучните хибриди пак опадна во април, за 5,5 пропценти. Главната причина за падот е Германија (-45,7%), којашто е најголем пазар за овие возила. Соодветно и нивниот удел се намали од 9,2 проценти лани, на 7,4 проценти во април 2023 година.
Продажба на автомобили со бензински и дизел мотори
Бензинците во април имаа уште еден одличен месец, со раст од 17,3 проценти и вкупно 306.757 продадени возила. Тоа одговара на пазарен удел од 38,2 проценти, исто колку лани. Од почетокот на годината, бензинците напредуваа за 18,3 проценти, со близу 1,3 милион продадени примероци.
Кај дизелите нема движење (+0,03%) и покрај големиот раст на два големи пазари: Италија (+21,5%) и Германија (+2,4%). Автомобилите со дизел мотор учествуваат со само 14,7 проценти на пазарот во ЕУ. Со тоа продолжува падот на дизелите, коишто лани во април имаа удел од 17,2 проценти.
Најпродавани марки во ЕУ, ЕФТА, ОК во април 2023
| Марка | Возила | Промена (%) |
| Volkswagen | 106787 | 30.2 |
| Audi | 59190 | 25.8 |
| Toyota | 55407 | -3.2 |
| Skoda | 53438 | 41.4 |
| Renault | 53164 | 35.9 |
| BMW | 52745 | 1.1 |
| Peugeot | 52104 | 14.2 |
| Kia | 50062 | 4.9 |
| Mercedes | 49474 | 2.5 |
| Dacia | 44590 | 44.6 |
| Hyundai | 39742 | -3.2 |
| Opel/Vauxhall | 37373 | 22.5 |
| Fiat | 30167 | -6.8 |
| Citroen | 27686 | -8 |
| Seat | 20321 | 17.6 |
| Cupra | 15345 | 51 |
| Mini | 13804 | 19.5 |
| Land Rover | 9476 | -11.3 |
| Jeep | 8688 | 2.9 |
| Porsche | 8245 | 45.4 |
| Alfa Romeo | 4548 | 120.2 |
| Lexus | 4303 | 74.1 |
| DS | 4095 | 5.1 |
| Lancia/Chrysler | 3723 | 34.6 |
| Smart | 2185 | 1.5 |
| Jaguar | 1404 | -45.7 |
| Alpine | 226 | -27.1 |
















