за

Рено има нова стратегија за електричните автомобили и за софтверот

Издвојувањето ограноци насочени кон електричните возила, со намера да се повтори успехот на Тесла, наидуваше на послаб одѕив на некои пазари.

Извршниот директор на Рено, Лука де Мео, на конференцијата за инвеститори во октомври лани го прикажа новиот Твинго.

Групацијата Рено се откажа од намерите за јавно да понуди акции во својот огранок за електрични возила со име Ампер. Како причина за тоа се наведува дека „тековните услови на пазарот не одговараат“ за акциите во Ампер да им се понудат на продажба на инвеститорите.

Откажувањето од овој план сепак нема да влијае врз стратегијата на францускиот производител околу електричните возила и софтверот, исто како и врз финансирањето и вложувањето, кажа извршниот директор Лука де Мео во изјавата во понеделникот.

„Земајќи ги предвид тековните услови на пазарот на акции и засиленото создавање кеш, Групацијата Рено реши да го откаже планот за ИПО на Ампер,“ стои во соопштението.

„Стратешкиот план на Групацијата Рено, Ренолушн, е финансиран самостојно и резултатите што ќе бидат објавени за 2023 година ќе потврдат дека групацијата е способна да создаде постојан прилив на готовина, за да ја финансира својата иднина (вклучувајќи и развој на Ампер),“ додаваат Французите.

Ампер почна да работи одвоено од матичната куќа на 1-ви ноември и се очекува да постигне промет во висина од околу 2,8 милијарди евра годинава, соопштува Рено.

Целта за 2025 година е да се продадат 300.000 електрични возила, наспроти 45.000 возила во 2023 година. Понатаму продажбата ќе продолжи да расте до 1 милион возила во 2031 година.

Првичната понуда на акциите во Ампер на јавно наддавање требаше да се одржи во првата половина од годинава, но Рено кон завршетокот на 2023 кажа дека нема намера да избрзува, дуколку проценетата вредност на акциите е прениска.

Издвојвувањата посебни ограноци и стартапи, со надеж дека ќе се повтори успехот на Тесла, не наидуваше на поголем успех на некои пазари. Во минатата седмица, Полстар, огранок на Волво, којшто стартуваше на берзата во САД во 2022 година, објави дека ќе отпушти 450 лица, и побара нови круг финансии од своите инвеститори, бидејќи вредноста на акциите не растеше според очекувањата.

Продажбата на електрични возила забави на клучните пазари, вклучувајќи ги САД и Европа. Тоа предизвика скепса меѓу инвеститорите. Во својот извештај за финансиските резултати за последниот квартал од 2023, Тесла предупреди дека годинава очекува послаб раст, откако драстично ги скуси цените лани, и тоа ја десеткуваше профитабилноста на Тесла.

Планирани се седум електрични модели

Ампер планира моделско семејство од седум електрични возила до 2031 година, вклучувајќи градски автомобил што ќе чини под 20.000 евра, како замена за тековниот Рено Твинго.

Рено најави дека огранокот Ампер ќе биде профитабилен, бидејќи може да постигне цената на своите електрични модели да биде иста со моделите со МВС побрзо од останатите производители на електрични возила. Французите ги гледаат своите предности во тоа што се агилни исто како стартап и располагаат со искуство во развојот и производството како автомобилска куќа со долга традиција. Секако и големината на Рено е фактор.

Планот е трошоците во развојот и производството на електрични возила да се скусат за 40 проценти, споредено меѓу две различни генерации модели. Тоа ќе овозможи Рено да ги скуси и продажните цени на своите идни електрични модели.

Ампер ќе произведува електрични возила за Рено, Алпин, Дачиа, Нисан и Мицубиши, и води преговори со Фолксваген за развој и производство на достапен електричен модел за германскиот концерн.

Поглавјето за Квалком и останатите инвеститори

Нисан и Мицубиши, долгогодишни сојузници на Рено, во декември потврдија дека планираат да вложуваат во Ампер. Рено во понеденикот повторно нагласи дека овие производители се заинтересирани да инвестираат во Ампер, дури и во случај ако Рено реши да не продолжи со понуда на акции во Ампер на јавно наддавање.

Се очекува и производителот на чипови Квалком да вложи во Ампер, меѓутоа нивната инвестиција се поврзува со ИПО, со понуда на акциите на јавно наддавање. „Потребно е да разговараме со нив, доколку сакаат да учествуват во некој друг облик или форма, или ако оставиме како што е“, кажа финансискиот директор на Рено, Тјери Пјетон.

Де Мео кажа дека Рено водел преговори со останатите производители на автомобили околу можноста за користење заеднички платформи за електрични возила, како потег што може да помогне европската индустрија да се се натпреварува против бранот од поевтините кинески автомобили со електричен погон. Тој сепак нагласи дека не постои поврзаност меѓу тие преговори и одлуката да се одложи берзанскиот старт на Ампер.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Домашниот автомобилски пазар ја заврши минатата година со 5.418 продадени нови возила

Концернот на Пежо и Фиат ќе произведува водородни комбиња во Полска и Франција