Рено го објави името на идниот пикап што ќе биде наменет првенствено за латиноамериканскиот пазар. Новиот модел е именуван Нијагара и ќе ја има својата светска премиера на 10-ти септември.
Нијагара е уште еден модел со којшто Рено ја проширува својата понуда од модели за Јужна Америка. Компактните пикапи со години се најпродаван вид на возило на тамошните пазари. Пикапите со гомпактна големина наидуваат на масовно приватно и деловно користење, првенствено во Бразил и Аргентина.
Рено го најавува моделот како пикап со цврста конструкција, модерна техника и разновидна применливост во секојдневието.
Наследник на Дастер Ороч
Новиот пикап е воедно наследник на Рено Дастер Ороч. Моделот беше пуштен во продажба во 2015 година и базиран е врз тогашниот Дастер. За од него да изведе пикап, Рено значително го продолжи опашот на возилото и комбинираше кабина со четири врати и товарна платформа.
Ороч се продаваше само во Јужна Америка и се позиционираше меѓу класичен пикап за активен животен стил и достапно товарно возило. Од новата Нијагара се објавени само слика со вратата на товарниот простор и кусо најавно видео.

За Нијагара исто така може да се очекува техничка поврзаност со тековниот Дастер, односно со модуларната платформа на групацијата Рено. Французите не најавија технички детали, но упати кон концептот со истото име што го прикажа во 2023 година. Студијата најави компактен автомобил со 4 врати и куса товарна површина, големо растојание од подлогата и нагласена заштита на каросеријата.

Рено во концептот Нијагара вгради т.н. двоен хибриден систем. Французите изведоа комбинација од бензинец со 48-волтна блага хибридна техника на предната оска и посебен електромотор за задната оска. Во Дачиа Дастер Хибрид-Г 150 4х4 се користи токму оваа техника.
За пазарите во Јужна Америка веројатно ќе бидат поважни поедноставните мотори коишто дозволуваат користење на популарниот етанол, односно работа на моторот во секаков сооднос на бензин и етанол. Европа не е планирана како пазар за Рено Нијагара.
















