Кој очекуваше дека моделското освежување ќе му донесе на Меган Е-Тек светла и нос како Клио 6-ка, место тоа ќе види само благи зафати во изгледот на електричниот компакт на Французите. Во техниката, тоа е веќе друго.
Првото што се забележува во новата моделска година на Рено Меган Е-Тек се дневните светла во браникот, што се поставени исправено, имаат шаховска графика со осум сегменти и го зафаќаат местото што претходно им припаѓаше на страничните отвори за воздух. Назад исто така се сменети светлата, коишто со преоѓањето во тридимензионален стил останаа без класично покривно стакло.
Рено прави отстапка од тековната шема и место да воведува логоа што светат, како што масовно се случува кај конкуренцијата, кај Меган дури се затемнети логоата. Дизајнот се сведува на најосновното.
Поради промените во батеријата во подот, електричниот Меган е качен 20 милиметри повисоко. Тоа се прикрива со новите скроени прагови, што се повисоки.
Нова батериска техника
Најголемата промена е воедно во подрачјето од коешто е најголема користа, во електричниот погон. Рено ја смени батериската техника и сега користи батерија со литиум-железо-фосфат (ЛФП). Батеријата располага со т.н. сел-ту-пак архитектура, што се одликува со тоа што 232-те ќелии на батеријата се набиени густо една до друга.
Тежината на новата батерија порасна за 70 килограми во споредба со претходно, потекнува од ЛГ и повисока е околу 2 сантиметри. Поради тоа се смали и растојанието од подлогата. На крајот се доби капацитет од 67 кВч нето и досег од точно 500 километри.

Французите го подобрија и полнењето. Меган Е-Тек на брз полнач може да постигне најмногу 165 киловати. Според фабрика, полнењето од 15 до 80 проценти во тој случај ќе трае 24 минути. Тоа е промена што му дава конкурентска острина на моделското освежување на Меган.
Уште една важна новина е додавањето на функцијата на В2Л, односно можност батеријата на Рено да напојува надворешни потрошувачи што работат на 220 волти, со моќност до 3,7 киловати.
Погонот и натаму е задача на електромотор со моќност од 218 КС, во којшто не се користат ретки земјени минерали – на коишто Кинезите инаку држат своевиден монопол. За разлика од некои конкуренти, под предната хауба нема втор багажник. Кабелот се сместува во длабок простор во багажникот. Електрично затворање на вратата на багажникот и натаму не се нуди, но тоа е веројатно најлесната врата што се вградува во браншата.

Внатрешност каква што доликува на француска марка
Рачките што се вовлечени во вратите остануваат и по фејслифтот. Новина во внатрешноста се спортските седишта во врвната изведба, со поцврста контура и со масажа. Изборот на материјали и спојот од цврсти и меки површни и натаму е доблест на француската изработка на автомобили, со задолжителни украсни штепови. Промени има во средишната конзола, каде што се постигнува поголема искористливост и сега се добива остранлива преграда.
Фејслифтот не го смени метежот од рачки десно зад воланот, каде што се вклучуваат бришачи, се избира програма за возење, се ракува со радиото, па уште и со степенот на рекуперација. Една новина сепак го ублажува тој метеж, односно возачот нема потреба често да го избира степенот на рекуперација, затоа што Меган сега нуди целосно „возење со една педала“. Само во ретки случаи и во опасни ситуации, возачот ќе мора силно да притисне врз сопирачката.
Силна страна на Рено Меган Е-Тек беше и остана долгиот и висок дисплеј во форма на Г, со возачки екран од 12,3 инчи и исзправено поставен средишен екран од 12 инчи. Со климата и натаму се ракува преку физички копчиња.
Бројни зафати има и во инфо-забавниот систем опенР Линк, што е базиран врз Гугл Аутомотив. Со промените, одвај некогаш ќе има потреба да се посегне по телефонот. Рено нуди пристап до Плеј Стор со преку 100 апликации, меѓу кои и видео стриминг.
Зависно од земјата, Меган доаѓа со пакет за пренос на 2ГБ податоци месечно, што е доволно за 40 часови музички стриминг, во времетраење од 3 години. Безжичниот полнач користи нов стандард Ки2, што полни побрзо и помалку загрева.
Кон завршетокот на годинава, Рено ќе го вчита во своите електрични Мегани новиот ВИ-асистент Гугл Џеминај, што коминуцира многу поприродно со своите патници.
Меган доби и камера што ја следи будноста на возачот и вградена е во левиот столб. Камерата воедно го препознава возачот и Реното соодветно го мести седиштето и избира музика.
По пример на новото Клио, изборот од нивоа на опременост е скусен, затоа што тоа ги скусува и трошоците за производство, па соодветно се нудат нивоа Техно и Еспри Алпин.
Рено Меган Е-Тек добива освежување во вистиски момент, затоа што му пристига силна конкуренција и од сопствените редови, од новата генерација на Рено 4 Е-Тек, со стилот на легендарната 4-ка.
Првите пазари ќе го добијат новиот електричен Меган во октомври.
















