ADAC тестираше гуми за сите сезони: Само едни се добри, осум се лош избор

Шеснаесет модели на гуми за лете и за зиме, со димензија 185/65 R15, на тест на клубот ADAC.

Слика: ADAC

Гумите за сите сезони се справуваат со крајни спротивности. Тие мора да бидат добри и на вжештен асфалт и на снег. Клубот ADAC провери кои гуми со димензија 185/65 R15 се докажуваат во сите услови на возење.

Пазарот на гуми за сите сезони продолжува да расте и сé помасовно се нудат гуми со димензија за возила од градската класа. Соодветно расте и побарувачката за овие гуми што мора да се справуваат и со летни жештини и со зимски студ. ADAC најтемелно тестираше 16 модели на гуми за сите сезони во често застапената димензија 185/65R 15 88H, односно 92V. Резултатите се мешани. Има само еден победник.

Во прегледот на резултатите од тестот се забележува дека отсуствуваат новите модели на гуми од некои премиум производители. Таков е случајот со Bridgestone, што во моментов ги нуди само Weather Control A005-Evo, додека нивните наследнички Turanza All Season 6 се достапни само во поголемите димензии. Слично е кај Michelin. Место новите CrossClimate 3, во димензијата на гуми за градските возила се нудат само CrossClimate 2.

Ова ограничување не мора да биде проблем, барем во едниот случај. „Старите“ Bridgestone Weather Control A005-Evo добија оцена 5,3 на тестот на ADAC и со тоа не заслужија препорака за купување. Причина за слабата оцена беа бедните перформанси при возење во зимски услови, поради што ADAC се откажа да даде препорака. Кај Michelin е различна ситуацијата. Овој производител во димензијата на тестот ги нуди само гумите од претходната генерација, но тие пак се наоѓаат меѓу трите најдобри гуми на тестот и освоија оцена 2,6.

Резултати од тестот на гуми за сите сезони 185/65 R15

Од 16-те тестирани гуми, само еден модел заслужи цена „многу добро“, седум гуми завршија со „добро“. Наспроти тоа, осум гуми по тестот добија или оцена „доволно“ или „недоволно“, што со тоа не заслужија препорака од германскиот клуб.

 

Победничките гуми на Континентал имаат само мали слабости

Единствени гуми што се најдоа на врвот со висока вкупна оцена се Continental AllSeasonContact 2. Тие се издвојуваат првенствено со безбедните возни својства, и тоа во сите дисциплини на тестот, со оцена 2,1 за тоа поглавје, што значи дека одговараат за сите сезони.

Мала отстапка има единствено во трошењето, со предвидени 41.300 километри. Тоа сепак не беше пречка, за овие гуми да добијат висока оцена 2,3 и да заслужат препорака за купување.

Веднаш зад нив следат Pirelli Cinturato All Season SF 3 и Michelin CrossClimate 2 со вкупна оцена 2,6. Постојат различни причини, зошто овие два модели заостануваат зад Continental. Pirelli држат послабо при снег на патот, додека Michelin малку заостануваат на влажен пат. Затоа пак, двата модели се покажаа во добро светло во поглед на трошењето и издржливоста. Michelin дури постигна најдобар резултат во тој поглед.

Овие гуми имаат одредени предности и недостатоци

Во просекот во тестот на гуми за сите сезони се наоѓаат пет гуми: Vredestein Quatrac, Hankook Kinergy 4S 2, Goodyear Vector 4Seasons Gen-3, Nokian Tyres Seasonproof 2 и GT Radial ClimateActive. Сите тие покажуваат слабост најмалку на еден вид подлога, односно на влажно, на сув пат или на пат со снег.

Три од овие модели издржуваат многу километри, но во тој поглед заостануваат гумите од Nokian и GT Radial. Тие пак може да бидат добар избор, во случај ако не се минуваат многу километри.

Последните гуми на тестот имаат значајни слабости

Три гуми со оцена „доволно“ покажаа такви слабости, што ADAC се воздржува да ги препорача: Nexen N’Blue 4Season 2, Dunlop All Season 2 и Milever All Season Versat MC545. Овие три модели заостануваат многу на сув пат, а не се покажуваат во добро светло ниту на дожд. Dunlop навистина се убедливи на снег и можат да минат како пристојна зимска гума, но заостануваат во останатите подрачја. А, тоа е воедно и целта на гумите за сите сезони, да бидат добри во сите услови.

ADAC советува петте модели од опашот на табелата да не се купувааат. Оцена „недоволно“ следи за Norauto 4 Seasons 2 (само во Германија), Bridgestone Weather Control A005-Evo, Mastersteel All Weather 2, Roadhog RGAS02 и за Tomason Allseason. Овие гуми покажуваат големи слабости првенствено на пат со снег. Нив едноставно им недостига доволен контакт, така што е под знак прашање дали тие навистина се искористливи во зима. Сите тие носат знак „Three Peak Mountain Snowflake“ и со тоа се водат официјално како зимски гуми.

Како што беше спомнато претходно, Bridgestone покажаа неочекувано слаби резултати. Новиот модел што се нуди во поголемите димензии не покажува такви слабости.

Тоа што исто така паѓа во очи се двете последни гуми на тестот, Mastersteel All Weather 2 и Roadhog RGAS02, коишто имаат ист профил и излегуваат од иста фабрика, но очигледно се различни, затоа што имаат различни резултати на тестот. Можно е тоа да доаѓа како последица од различните материјали и од различните добавувачи, но тоа не го менува крајниот исход, а тоа е совет за овие гуми да не се купуваат.

Тест на летни гуми на ADAC: Од 16 гуми, само три со добра оцена

Претходна објаваЕлектричниот Рено Меган доби нова батерија, досег до 500 км и полни за 24 минути
Следна објаваПик како да е модел на некоја нова Шкода

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here