Шкода Пик го поместува врвот во понудата од електрични автомобили на чешката марка на Фолксваген за уште едно скалило погоре. Новиот СУВ настапува во улога на знаменосец и се поставува над успешните Елрок и Енијак. Првпат Шкода нуди целосно електричен СУВ со седум седишта.
Со должината од 4,87 метри, Пик е десетина сантиметри подолг од актуелниот Кодијак. Со меѓуоскиното растојание од 2,87 метри, тој го надминува дури и Суперб. На тој начин се постигнува исклучително просторна кабина. Во одредени изведби се вградуваат седум седишта. Според Шкода, дури и во третиот ред седишта се добива доволно простор за глава и за колената.
Со седум патници, назад пак останува пристоен багажен простор од 299 литри. Во случај кога втората клупа не е потребна, просторот за багаж нуди зафатнина до 935 литри. Не постои поголем багажник од тоа во целата понуда на Шкода. Дополнително се добива и мал багажник од 37 литри под предната хауба.
Изгледот на Пик го следи новиот дизајн на марката што се води како Модерно Солидно. За овој дизајн се својствени тенките предни и задни светла во форма на Т, исто како и целосно затворената предница и високите и мазни страници.
Шкода кај Пик првпат користи рачки што се вовлечени во вратите. Уште една новина е електро-хроматскиот стаклен покрив, којшто покрива површина од 2,1 метри квадратни. Проѕирноста може да се избира посебно на одредени делови од покривот.
Аеродинамичноста е клуч за долгиот досег на електричната Шкода Пик
Иако е масивна, Шкода Пик постигнува примерен коефициент на отпор на воздух од 0,249. За тоа придонесуваат и активните ламели за спроведување на воздухот, тркалата со аеродинамична форма и целосно обложениот под.
Техничката основа за моделот доаѓа од усовршената плаформа МЕБ+ на концернот Фолксваген. Пик ја псоедува истата техничка основа како останатите електрични модели од марките на германскиот концерн, но поседува поголема батерија и со тоа повеќе одговара за подолго патување.
Шкода нуди две големини на батерија. Основната изведба доаѓа со батерија од 59 кВч нето, додека за подолг пат ќе биде соодветна изведбата со батерија од 86 кВч нето. Двете батерии се произведуваат во Млада Болеслав.
Досег до 640 километри и полнење за помалку од половина час
Моделот со помалата батерија се води како Пик 60. Основниот модел располага со електромотор од 204 КС на задната оска, што испорачува 350 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 8,6 секунди, крајната брзина е ограничена на 160 км/ч. Досегот изнесува околу 450 километри.

Поголемата батерија работи во Пик 90, којшто исто така има еден елекктромотор на задната оска, но тука е со моќност од 286 КС и вртежен момент од 545 њутнметри. Забрзувањето до сто е 7,1 секунди. Шкода наведува досег од околу 640 километри. Тоа е најдолг досег во гамата на Шкода.
Досегот малку се скусува во врвната изведба Пик 90икс. Таа поседува електромотор и на задната оска, што дава системска моќност од 299 КС. Забрзувањето до темпо сто во овој случај трае 6,7 секунди. До следното полнење остануваат 610 километри пат.
Полнењето од 10 до 80% кај основната изведба трае 27 минути на брз полнач. На поголемата батерија ѝ е потребна една минута подолго. Во првиот случај, Пик црпи струја со моќност од најмногу 150 кВ, додека кај поголемата батерија се постигнуваат до 220 кВ.

Шкода Пик може да служи и како извор на струја. Тоа е можно ако се доплати за пакет В2Л, и во тој случај може на електричниот автомобил да се приклучат надворешни потрошувачи што работат на 220 волти.
Уште една функција во таа насока е можноста батеријата на возилото да се остави како извор на електрична енергија и таа да се насочи кон дистрибутивната мрежа, во време кога е најголемо оптоварувањето на истата. Сопственикот на возилото добива надомест за тоа. Трето сценарио е во домот да се користи енергиајта во батеријата, на пример во време кога е скапа тарифа, а батеријата е наполнета ноќе.
Електричниот СУВ смее да влече приколка како модел со обичен погон
Одушевува податокот за тежината на приколка што ја дозволува Шкода. Верзиите со заден погон смеат да влечат 1,8 тон, додека изведбата со погон на сите тркала има сила за уште 200 килограми. Тоа е споредливо со моделите со мотор со внатрешно согорување.

Ново е ракувањето во кабината. Главното место му припаѓа на екранотод 13,6 инчи, што првпат во Шкодае поставен исправено, и користи андроид. Остануваат неколку физички копчиња, главно за климата и за музиката.
Опциа е пакет Релакс, со вентилирани седишта со масажа, потпирач за нозе што се извлекува, апликација за добро чувство и аудио систем што Сонос посебно го разви за Пик и располага со 16 звучници и моќност од 755 вати.
Електричниот СУВ уште од старт ќе се нуди и во изведбата Спортлајн. Таа се препознава по каросериските додатоци што се лакирани црно, исто како и детали во задните столбови и опашот. Може да се нарача и изведба со двобојна каросерија, со црн покрив.
Стандардно се вградуваат матрични ЛЕД светла, светлечка лента напред и тркала од 20 инчи, со можност за доплата за 21 инчи.
Во конфигураторот за чешкиот пазар, Шкода Пик почнува од изведбата 60 Селекшн, со цена од 1.150.000 чешки круни, што одговара на околу 48.850 евра.
















