Гранде Панда го врати Фиат меѓу најпродаваните марки, доаѓа уште подостапна изведба

Очекувањата дека Фиат Гранде Панда ќе го заземе местото што во златните времиња на македонскиот пазар му припаѓаше на Пунто, се остварија. Големата Панда беше 6-ти најпродаван модел во мај. Ценовникот сега спушти уште едно скалило.

Фиат Панда и досега им парираше на конкурентите, како еден од најдостапните модели на македонскиот пазар, иако во изведба со благ хибриден погон и автоматски менувач. Дури и со понапреден погон од конкурентите, што не се електрифицирани и имаат мануелен менувач, Гранде Панда пак не им оставаше простор да се издвојат со цената.

Сега следи и таа изведба, со турбо бензинец со 100 КС и мануелен менувач со 6 степени. Аутомобиле СК во моментов води забележлива кампања за овој модел, што го нуди по цена од 15.990 евра, што е за 1.000 евра под редовната цена на моделот.

Моторот е ист како во моделот со благ хибриден погон, но таму се вклучува и електромотор со моќност од 28 КС

Максималната брзина останува непроменета на 160 километри на час, но се подобрува забрзувањето со мануелниот менувач, каде што Гранде Панда 100 ѝ краде шест десетинки на Гранде Панда Хибрид, со 10,6 наспроти 11,2 секунди. Влијае и разликата од 90 килограми во тежината. Според фабрика, просечната потрошувачка без електрификацијата се зголемува за 6 децилитри, односно изнесува 5,7 литри на сто километри.

Овој мотор со 100 КС, што секако претставува солидна моторизација во Фиат Гранде Панда, достапен е во трите нивоа на опременост. Исто како моделот со благ хибриден погон и со автоматски менувач, што единствено беше достапен досега, покрај целосно електричната изведба, Гранде Панда 1.2 100 МТ6 се нуди во три нивоа на опременост: Поп, Икон, Ла Прима.

Разликата во цената во споредба со благиот хибриден погон изнесува 2.000 евра, што е преку 10% разлика од вредноста на моделот. Во опременоста, нема разлика меѓу двете погонски изведби. Новата верзија исто така доаѓа со клима уред, паркинг сензори назад, дигитални инструменти, команди за радио на воланот. Единствено има разлика во тоа што благата хибридна изведба поседува електрична паркирна сопирачка и висинско местење на возачко седиште.

Дури и во луксузната изведба Ла Прима, големата панда останува под звучната граница од 20.000 евра. Впечатливиот стил, големиот култ околу името Панда и околу експертизата на Фиат да создава малечки автомобили, направија Гранде Панда да стане бескласен автомобил, исто како првата Панда во 1980-те.

Според неопфицијални податоци за македонскиот пазар, Фиат Гранде Панда во мај е 6-ти најпродаван модел, со 22 возила. Вкупно во првите 5 месеци биле продадени 62 возила. Со доаѓањето на новата и уште подостапна погонска изведба, извесно е дека Панда ќе качува уште.

Фиат Гранде Панда · Тест · Големите автомобили се малечки

Претходна објаваПик како да е модел на некоја нова Шкода
Следна објаваФерари го смени директорот за маркетинг по дебаклот со Луче

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here