Како дел од новата стратегија за безбедност, Renault во иднина ќе ја ограничи крајната брзина на своите нови модели. Тие нема да забрзуваат над 180 километри на час. Целта на францускиот производител е да се смали бројот на судири во сообраќајот.
Ограничувањето важи за моделите од марките Renault и Dacia. Во групацијата спаѓаат уште марката Lada, но и марката спортски автомобили Alpine. Volvo уште лани најави дека неговите модели ќе имаат ограничување на крајната брзина на 180 километри на час.
Генералниот директор Лука де Мео на главното собрание на одборот во петокот најави дека Renault планира да биде лидер во сегментот на електрични автомобили во Европа. До средината на деценијава, уделот на електрични и хибридни модели во понудата треба да достигне 65 проценти. Понатаму, за 2030 година се планира уделот да достигне најмалку 90 проценти.
















