за

Renault и Geely го најавуваат првиот заеднички модел

Моделот со хибриден погон ќе ја користи платформата CMA на Volvo, односно ќе ја дели техниката со Volvo XC40 и Lynk & CO 01.

Првиот модел од соработката на групацијата Renault со холдингот Geely за пазарот во Јужна Кореја ќе биде пуштен во продажба во 2024 година. Тоа ќе биде кросовер со средна големина, со хибриден погон и со каросерија во форма на фастбек.

Renault објави фотографија којашто ја прикажува силуетата на возилото. Името на моделот уште не се открива. Производството ќе се одвива во фабриката на Renault Korea Motors во Бусан, за локалниот пазар и за извоз.

Автомобилот ќе ја користи компактната модуларна архитектура (CMA) на Volvo, што е база за бројни модели од марките на Geely, вклучувајќи ги Volvo XC40 и Lynk & CO 01. Други детали не се објавуваат, единствено е наведено дека моделот ќе биде дел од семејство автомобили со средна големина, со хибриден погон.

Renault Korea Motors објави и дека ќе вложи повеќе од 900 милиони евра во Јужна Кореја во следните шест години. Се инвестира во софтвер, конективност и електрификација.

Извршниот директор на Renault, Лука де Мео, на конференција за медиуми соопшти дека фабриката во Бусан ќе биде „извозен центар за нашите средни и големи модели“. Шефот додаде дека „Кореја е одлична платформа за извоз на нашите производи“. Земјата има потпишано спогодби за слободна трговија со голем број држави и претставува мост меѓу производството на автомобили и нивниот извоз.

Целта на посетата на Де Мео на Азија беа преговорите со Nissan, за изнаоѓање можности за повторно воспоставување баланс во разнишаната алијанса. Renault ја започна соработката со Geely во јануари. Договорите главно се однесуваат на производството во фабриката во Бусан. Geely планира да купи удел во претстојниот спиноф на Renault, со којшто ќе се издвои бизнисот со возила со мотори со внатрешно согорување. Двете компании ќе соработуваат и во Кина, откако Renault се повлече од заедничката компанија со Dongfeng.

Renault Arkana најава Европа

Во фабриката во Бусан моментно се произведува компактниот кросовер Renault Arkana, кај нас преименуван во Megane Conquest. Таму претходно се произведуваше и Nissan Rogue за Северна Америка. Годишниот капацитет изнесува 300.000 возила.

Бизнисот на Renault во Јужна Кореја наидуваше на потешкотии, пред соработката со Geely. Групацијата произведува и продава возила во земјата подолго од две децении, преку Renault-Samsung Motors, локална марка што е дел од Samsung Group. Во минатата година се продадоа 61.096 возила, што е за 36 проценти послабо од 2020. За споредба, во 2016 година беа продадени повеќе од 111.000 возила.

Кинески Geely сака да го купи не-електричниот бизнис на Renault

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шпанскиот пазар сака да вози Opel на струја

Центар во Индија главен за новиот софтвер во возилата на Stellantis