Маркетингот на Пежо имаше намера да го смени образецот дека зад воланот на кабриолетите секогаш стои убава жена. За тоа да се постигне, требаше да се изведе нешто крајно неочекувано. Така и бидна.
Во прочуената телевизиска реклама од средината на 1990-те, Пежо реши место жена да седне маж зад воланот. Намерата на маркетингот на француската марка задираше уште повисоко. Човекот во рекламното видео за Пежо 306 Кабриолет, не беше никој друг, туку Реј Чарлс. Слепата легенда на блузот, вечниот Реј Чарлс!
Секако дека целиот овој спектакл, снимен по солните наслаги на езерото Боневил во САД, се одвиваше под песната „Џорџија он мај мајнд“.
Една од рекламите на Пежо што светот не ја заборава
До денес, тој важи за еден од најиконските и највпечатливи рекламни спотови на сите времиња. Целата порака во спотот не се содржеше само во тоа дека зад воланот беше слеп човек, туку и во искажаната емоција на Реј Чарлс, кој радоста од уживањето во возењето ја пренесе толку веродостојно, што не беше потребно вообичаеното натснимување со говор снимен во студио.
Реј Чарлс по снимањето на спотот кажа дека времето му минало одлично, затоа што можел да вози колку што сака. Но, и тоа не е сé: Малку е познато на сцената, дека Реј Чарлс, кој неовозможното го доживуваше само како предизвик, одвреме навреме управуваше со Цесна, во придружба на главниот пилот Том Мекгерити и акустичен радар.
Рекламното видео за Пежо 306 Кабриолет со Реј Чарлс
Дизајнот потекнува од Пининфарина
Поминаа триесет години, а Пежо 306 Кабриолет денес е еден од омилените „млади“ олдтајмери. Првата верзија почна да се продава во февруари 1994 година, со мотор од 1,8 или 2,0 литар, со можност за избор на верзија со автоматик.
Интересен е изборот на електричниот платнен покрив, што се собира под поклопец што се втопува во линијата на каросеријата и придонесува за елеганцијата на линијата. Во комбинација со металик лак и кожени седишта, по можност во светла боја, 306 Кабриолет не може да мине незабележано.
Тоа е дело на Пининфарина, кои не само што го дизајнираа возилото, туку и го произведуваа во своите фабрики во Италија. Од 1993 до 2002 година беа произведени околу 78.000 возила, за тоа време мошне висока бројка. Тоа само потсетува колку беше важен овој автомобил во тие времиња.
Пежо ја испорачуваше својата 306 Кабриолет во сива, црвена, црна, зелена, но и во жолта и рубин-металик боја. Посебно беше ценета комбинацијата од металик сина со син покрив и кожа, што на францускиот пазар се продаваше како серија Сен Тропе.
За уживање и зиме, многумина доплаќаа за скапиот хардтоп лакиран во боја на каросеријата. Со тоа, кабриолетот стануваше купе. Во 1995 година се појави изведбата Ролан Гарос со вообичаените бои на турнирот: Зелена металик, бел цврст покрив и бела кожа, заедно со платно со риги. Подоцна беше воведена и изведба со 1,6-литарец, а во 1997 година беше направено мало моделско освежување, со издолжени светла, во тогаш новиот стил на Пежо.
Peugeot пред 20 години освои Златен Лав во Кан за рекламата за „206“
















