за

Рено им продава дизел мотори на клиенти, турски Абаш се јави прв

Рено го издвои производството на мотори со внатрешно согорување како посебен огранок Хорс. Потпишан е договор со првиот купувач.

Хорс ќе го продава својот 2,0-литарски турбодизел на Абаш, една од најголемите компании во Турција, што моторите ќе ги вградува во доставни возила.

Хорс, новиот огранок на групацијата Рено за производство на мотори со внатрешно согорување, го потпиша првиот голем договор со надворешна компанија. Со турскиот конгломерат Абаш е договорена испорака на турбодизел мотори.

Дволитарските дизели ќе се користат во првите доставни возила што ќе ги произведува Абаш. Тоа го соопштија двете компании при потпишувањето на договорот во минатата седмица. Овие мотори во моментов се вградуваат во фургоните од средна големина на Рено и Нисан.

Не се откриваат финансиските подробности за зделката.

Хорс е основан лани како засебна компанија, што ќе се посвети на активностите на групацијата Рено со моторите со внатрешно согорување. Тоа ги вклучува и фабриките, како и одделенијата за развој на нови мотори. Компанијата ќе произведува повеќе од три милиони мотори годишно, за Рено, Дачиа, Нисан и Мицубиши, вклучувајќи и цела погонска спрега. Хорс почна да работи во јули лани.

Производителите на автомобили бараат начини да надоместат за очекуваниот пад во продажбата на бензински и дизел мотори, во време кога мораат да вложуваат големи суми пари во преоѓањето на електричен погон.

Рено основаше компанија со име Ампер, чијашто работа е развој и производство на целосно електрични автомобили.

Абаш е турски конгломерат основан во 1956 година, со присуство во производството на индустриски и медицински гасови, челик, производство на електрична енергија, производство на тешка машинерија, мотоцикли, бродоградба и банкарство.

Производството на возила почна лани, со серија од електрични и дизелски градски автобуси, минибуси и камиони. Абаш ја купи и старата фабрика на Хонда во Гебзе, со намера во неа да произведува патнички автомобили. Хонда престана да произведува таму во 2021 година.

Моторите на Рено ќе се користат во првите лесни доставни возила на Абаш, што ќе се произведуваат во Маниса, во источна Турција. Хорс соопшти дека моторите ја исполнуваат нормата Еуро 6д.

Хорс има заедничка инвестиција за производство на мотори во Бурса, северна Турција, каде што се произведуваат мотори за Рено и Нисан, како и менувачи и останати компоненти.

Планирана е соработка со Џили и Арамко

Хорс е делот на Рено во заедничката инвестиција 50:50 со холдингот Џили, којшто има сопствен огранок за мотори со внатрешно согорување, со име Ауробеј. Таму се произведуваат мотори за марките на Џили, меѓу кои се Волво и Линк. Откако ќе престане производството на тековната генерација мотори, се очекува двете групации да соработуваат во нови мотори и компоненти.

За заедничката компанија се предвидува дека ќе произведува преку пет милиони мотори и менувачи годишно, со годишен промет од 15 милијарди евра.

Рено и Џили потпишаа договор за заедничко вложување лани во август, иако конечниот договор уште не е потпишан.

Арамко, саудиска компанија за енергетија, лани во март потпиша писмо на намери со Рено и Џили, за да стане акционер во заедничката компанија, но уште нема вложено официјално.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рејнџ Ровер организира тренинг за луксуз, три дена отмено јадење и спиење

И Реј Чарлс уживаше да вози кабриолет Пежо