Изведбата СВ кај Рејнџ Ровер означува дека веќе станува збор за нешто посебно. Но, и посебноста кај аристократските британски марки има скалила. „Хаус оф Брендс“ ја нуди СВ во Второ Издание за својот Рејнџ Ровер Спорт.
Рејнџ Ровер почнува со својата понуда од модели таму каде што завршуваат понудите на производителите што заработуваат од бројот на продадени возила. Додека кај нив понудата завршува со луксузни модели, кај Рејнџ таа штотуку почнува. Тоа значи дека британската марка мора постојано да изнаоѓа нови скалила на луксуз.
Изведбата СВ извесно време им беше сосем доволна на купувачите што сакаат нивниот Рејнџ уште толку да двои. Но, купувачите на марките од овој ков секогаш бараат повеќе. Вештината е да се биде пред клиентите, да им се понуди нешто што е непредвидливо и ново. Тоа е суштината на СВ Едишн Ту од Рејнџ Ровер Спорт.
Специјалната серија од специјалната серија (СВ е огранок за специјални возила) се разликува по маската и браникот, што оддаваат повеќе динамика. Страничните прагови се во линија со долниот раб на предниот браник, а на тоа се надоврзува и опашот, каде што линијата се искачува и внесува моќ во појавата. Изненадувањето следи назад, кога ќе се забележат двете двојни издувни цевки, со завршетоци од карбон.
За карбонските додатоци на каросеријата, што ги има насекаде, може да се избира меѓу две завршни обработки: Во едната, карбонските делови отстапуваат од класичната каро-шема и оддаваат мек отсјај на сатен, а во другата главно се гледа дека целата хауба е изработена од карбон. Втората варијанта може да се добие само со сива или црна боја на каросеријата.

Внатрешноста продолжува со спојот на отменост и спортска жестокост. Седиштата имаат лесна конструкција и обложени се со Ултрафабрик со тридимензионална плетка. На тој начин се постигнува за 30 проценти смалена тежина на облогите на седиштата. Воланот има различен дизајн, со нагласени лежишта за палците и со рачки за менување степени со осветлени симболи. Кога ќе се префрли во СВ, тие светат црвено, инаку бело. Главните команди и површините што се допираат најчесто, изработени се со црн керамички финиш.
Опција се специјално проектирани летни гуми за моделот, развиени во соработка со Мишелин, за коишто главната одлика е тоа што овозможуваат тракција до странично забрзување од 1,2 г, што е за 0,1 г повеќе од стандардните гуми. Тоа се гуми Пилот Спорт С 5 со димензија 275/40Р23 напред и 305/35Р23 назад. Дури и газечката површина е изработена од различни материјали.
Рејнџ Ровер Спорт СВ е прв автомобил од сериско производство со карбонски тркала од 23 инчи
Луксузот продолжува на следното скалило. Благородната марка им нуди на купувачите четири претходно составени комбинации од бои на каросеријата и на обработка на каросериските додатоци. Секако станува збор за најскапите бои, за Ултра Металик боите на СВ: Блу Небула, Марл Греј, Санрајз Копер и Лигуриан Блек. Секоја комбинација е посебна, како пример, Блу Небула доаѓа со спомнатите каросериски додатоци од карбон со сатенски финиш, со тркала од 23 инчи и шепи во сина боја, со внатрешност во светло сина и бела боја.
Моторот е еден, и вреден: П635, благ хибрид патем, но најсилен Ве-8 што Рејнџ Ровер го има вградено во свој модел, со 635 КС и спринт до темпо сто за помалку од четири секунди.
Стандард во Втората Едиција на СВ се 6Д Динамика – најапредното активно подвозје што постои во браншата, црн покрив, СВ Ултра Металик боја, седишта БАСС (Бади енд Соул), седишта со Ултрафабрик, осветлени рачки за менување степени на воланот, прагови со осветлено лого СВ Едишн Ту. Ценовникот почнува од 171.800 фунти на британскиот пазар. За споредба, Рејнџ Ровер Спорт во изведба С, со дизел, почнува од 75.255 фунти.
















